речник контакт

Велес се заборчи

Со 13 гласови за и 7 против, Советот на општина Велес реши општината да се задолжи за реализација на два проекти.

Петар Печков

 Општина Велес реши да се задолжи  во висина до 90 милиони денари за реализација на два проекти  за подобрување на енергетска ефикасност на уличното осветлување што се состои во замена на постојните со нови економични светилки. и за водоснабдување на околината од езеро Младост со вода од градскиот водоводен систем. Ваквата одлука по неколкучасовна расправа со мнозинство гласови ја донесе Советот на општината.
    

Ова задолжување е  развојно бидејќи тоа ќе овозможи езерото Младост да биде посакувана туристичка дестинација. Тука имаме можност за изградба на неколку хотели, мотели, автокамп,  чие земјиште неколкупати се продава но интерес нема. Имаме и распродадена приградска населба   чија изградба е стопирана, бидејќи за  нив е потребен водовод со квалитетна вода. Двата проекти се само исплатливи бидејќи од штедењето со потрошената електрична енергија на економичните светилки ќе се отплатува кредитот. А пак од парите што ќе се прибираат од продажбата на градежните парцели, кои се слеваат во локалниот буџет, ќе  се овозможи динамиката на неговата исплата – изјави Горан Петров градоначалник на Велес.

Пресметките покажале дека од новите економични светилки ќе се заштедат  50 илјади евра годишно, додека од  водоснабдувањето на околината на Езеро Младост ќе имало неколку кратни добивки. Со продажба на две третини од расположливото градежно земјиште кое се наоѓа таму, би се собрале пет милиони евра а за изградба на водоводот потребни биле 620 илјади евра. На овој начин  на езерото Младост би се развивал алтернативниот туризам, вински, транзитен,  а би се создале услови и за кампување и летување.

Отплатата на задолжувањето ќе се врши во текот на наредните девет години, на еднакви полугодишни ануитети, а првите  три години се  грејс период. Задолжувањето за овие два проекти не го поддржа опозицијата  во Советот, која сметаше дека вода за пиење на езеро Младост се носи за мала целна група, викендаши, и од кредитот нема корист да видат поголемиот дел граѓани на Велес.

Општина Велес  е гарант за МЕАП  кредит кој ЈКП Дервен го подигна пред десет години во висина од 3,1 милион евра кои се наменети за подобрување на водоснабдувањето во Велес и за промена на водоводната и на канализациската мрежа. Тој кредит редовно се исплатува во две годишни транши а досега се платени 11 од 22-те рати, кои се во висина од 1,7 милиони евра.

АНКЕТА »

Каде го минавте летниот одмор?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »