речник контакт

Велешанецот Ратко Пајдаков

Велешанецот Ратко Пајдаков е пример за хуманист и човек, кои покрај неволјите кои животот му ги приредил, работи, твори и помага на луѓето.

Петар Печков

Велешанецот Ратко Пајдаков е пример за хуманист и човек, кои  покрај неволјите кои животот му ги приредил, работи, твори и  помага на луѓето. Тоа што уште од осумгодишна возраст целосно го изгубил видот, не му било пречка да оствари многу нешта кои оставиле трага не само во неговиот живот, туку за лицата со оштетен вид и за Велес, поради што неодамна градот му го додели највисокот признание наградата за животно дело „Гемиџии“.

- Работам, живеам и творам како и секој друг, не отстапувам пред проблемите. Треба човек да се бори, животот е таков, не е ништо мазно - вели шеесет и седум годишниот Пајдаков, сега пензионер.

Неговата листа на успеси е долга и бројна, шах, компонирање, брајови книги, музицирање. Пробивањето низ трновитот пат започнува во Земун, каде го испраќаат родителите од родната Гевгелија бидејќи покажувал голем интерес за музика стекнување нови знаења и таму завршува средно музичко. Како клавирист освојува прва награда на Републички натпревар иако бил во друштво со врсници кои не се хендикепирани како него, во 1964-та. Тој е првот од слепите лица во Македонија кој во далечната 1971 година дипломира на Факултет и тоа на Музичката академија, завршува отсек за клавир. Потоа работи како директор во првото музичко основно училиште во земјава, во „Киро Димов“ од Велес. Таму ќе остане до 1980-та година, во кој период работи и на компонирање.

- Навлегов во водите на создавањето на музика и како композитор учествував три години на Скопскиот фестивал во 1976, 77 и 78 кога мои песни пееја тогашните македонски ѕвезди Даниела Панчетовиќ, Верица Ристевска и Невенка Кокева - вели Пајдаков, кој во неговиот опус има и детски хитови од „Златно славејче“ а негово дело е и химната на македонските кроводарители „Капка по капка“. Тука започнува неговата нова љубов, хуманитарната дејност.

Активен е во Македонскиот Црвен крст и работи на подобрување и социјализација на лицата со хендикеп. Со негово огромно вложување и посветеност, слепите лица во Македонија за прв пат можат да читаат книги а издадени се  десет книги со Брајово писмо меѓу нив  и Бели Мугри до Кочо Рацин, Диво месо од Горан Стефановски, Големата вода од Живко Чинго, Папокот на светот од Венко Андоновски.

Но Пајдаков го исполнува и играњето шах, каде постигнува високи резултати. Многу пати е првак за слепи лица во Македонија и при врвот во поранешна Југославија. Во 1996-та година како член на Македонската шаховска репрезентација за слепи на Шаховската Олимпијада во Бугарија, на трета табла  беше прогласен за најдобар освојувајќи 4,5 поени од можни пет.

- За да стигне до тука тој се одрекуваше за многу работи во животот. Знаеше многу ноќи да мине работејќи додека не ја заврши работата. Кога ќе започне со нешто, не го остава додека не ја реализира идејата - објаснува неговата сопруга Пандорка Пајдакова.

Тој пак за неа и децата Валентина и Тони вели дека му биле најголемата поткрепа во животот, кои му ја давале неопходната сила за да истрае. Ентузијазмот и желбата за докажување не го напуштаат, напротив има планови и идеи за многу други проекти, бидејќи само така може да го исполни времето.

Пајдаков во Велес е поим за хуманист и човек кој доживувајќи несреќа во детството, денес им  помага на луѓето во неволја, бидејќи вели кој не ја доживеал не  знае, но и за да не се повтори.

АНКЕТА »

Дали Општина Велес да се задолжи со 46 милиони денари, за да се изгради покриен Градски пазар?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »