речник контакт

Велешанецот Ристовски започнува со работа на неговиот нов филм ,,Лазар,,

Пред речиси девет години го сними својот дебитантски долгометражен филм „Илузија“ кој целосно го работеше во Велес.Наскоро и кастинг за актери а се бара и главниот лик.

Петар Печков

Пред речиси девет години го сними својот дебитантски долгометражен филм „Илузија“ кој целосно го работеше во Велес. Во меѓувреме работеше на својот прв филм на англиски јазик „Драгиот господин Гејси“ со светска екипа. Нашиот режисер Светозар Ристовски, кој живее и твори во Kанада деновиве е во земјава за својот нов филм „Лазар“. Снимањето ќе почне во април, а на крајот на месецов ќе биде одржан кастингот.

Филмот е поддржан со највисока сума од 500.000 евра од Филмскиот фонд на Македонија, со 170.000 евра од „Еуроимаж“, 100.000 евра од Хрватскиот аудиовизуелен центар и 150.000 евра од бугарскиот Национален филмски центар. Kопродукција е на „Смол мувс филмс“ од Македонија, „МП филмска продукција“ од Хрватска, „Аризона продукција“ од Франција и „Гала филм“ од Бугарија.

До каде се подготовките за „Лазар“, одбравте ли локации?

- Со кастинг планираме да почнеме на крајот на месецов. Исто така ќе почнеме со подетаљна селекција на локации иако веројатно филмот ќе се снима на локации во источна Македонија и тоа во град кој досега немал филм. Така што на некој град на исток годинава ќе му се случи филм. Приказната на филмот е македонска, главната екипа, локациите, главниот кастинг ќе бидат македонски. Сепак, ќе има мешана екипа и кастинг од Хрватска и Бугарија. Приказната е за едно 18-годишно момче Лазар кое под ударот на сите општествени промени поминува низ некакви трансагресивни состојби кои предизвикуваат дезинтеграција на неговото семејство. Меѓутоа, приказната отвора простор Лазар да има шанса да се разбуди.

Откако добив поддршка од Филмскиот фонд се обидов да го затворам филмот финансиски секаде каде што можам. Имаше долг период во кој беше многу тешко да се соберат парите. Во различен период се аплицираше во разни фондови. Во меѓувреме, филмот беше на филмскиот форум „Kросроудс“ на Солунскиот филмски фестивал и на уште два форума и така се приклучија продуцентите од Бугарија. Освен Филмскиот фонд, поддршка на филмот му даде и Македонската радио-телевизија. Сега сме во преговори со Хрватската телевизија и со Бугарската национална телевизија. Kога ќе се склопи целата финансиска конструкција претпоставувам дека ќе стигнеме до буџет од околу 1.200.000 евра.

Имате ли некоја идеја кој би можел да биде Лазар?

- Лазар во приказната има 18 години. Тоа е многу интересна возраст, влез во зрелоста. Kога станува збор за таа возраст, пред с`, ќе се обидам да го најдам Лазар меѓу оваа најмлада генерација актери кои се прва, втора година на Академија. Но нема да го ограничам изборот само на студентите-актери, туку ќе направиме еден поширок кастинг затоа што можеби ќе откриеме некој нов актер како што на времето го откривме Марко Kовачевиќ. Тој стана меѓународен актер од Македонија благодарение на тоа што беше откриен на еден таков кастинг во основно училиште. За Лазар постои простор тоа да биде актер, но не би се ограничувал само на тоа.

АНКЕТА »

Дали имате доволно време да му посветите на Вашето дете/деца?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »