речник контакт

Велешанецот што ја запали гаражата нема да одговара за убиство

Полицијата го преквалификува делото за кое се товари велешанецот Николче Л. (24) дека затворил петмина во гаража, а потоа ја запалил, при што изгоре 23-годишниот Аким Рушитов, од „убиство“ во „тешко дело против општата сигурност“.

Аница Солева

Полицијата го преквалификува делото за кое се товари велешанецот Николче Л. (24) дека затворил петмина во гаража, а потоа ја запалил, при што изгоре 23-годишниот Аким Рушитов, од „убиство“ во „тешко дело против општата сигурност“. За тоа кривично дело тој може да добие казна затвор од 3 до 15 години, а во меѓувреме истражниот судија му одреди 30-дневен притвор.

Соседите на Димитар С. (42), во чија сопственост беа гаражите што изгореа, обвинуваат дека таму се случувале разни криминални работи.

- Навечер немавме сон. Тука се коцкаа, се носеа девојки што се проституираа, имаше гласна музика во ноќните часови... Тоа завчера можеше скапо да не\' чини, бидејќи огнот можеше да ја зафати зградата ако брзо не интервенираше пожарната екипа - вели еден од соседите.

Соседите велат дека пред некоја седмица еден од нив му забележал на Димитар С. за тоа што се случува во гаражата, по што тој извадил пиштол и му се заканил дека ќе го убие. Соседите се убедени дека инцидентот, при кој изгоре млад човек, е резултат на мафијашка пресметка за девојка и за пари што требало да се делат од нејзината сексуална злоупотреба. Извори од велешката полиција велат за „Дневник“ дека објектот подолго бил набљудуван, бидејќи и до нив стигнувале информации дека гаражата е параван за други незаконски дејствија. Но, полицијата досега нема утврдено дека гаражата се користела за коцкање, проституирање или, пак, како студио за снимање порнофилмови.

Роднините на починатиот Аким Рушитов велат дека тој бил чесен млад човек што потпаднал под влијание на друштвото.

- Не знаеме што работеше, но никој не дошол да се поплаче од него. Лошото друштво му дојде до глава, жално го заврши животот, жив да изгоре - велат неговите братучеди, кои пред велешката полиција долго по настанот чекаа да дознаат нешто повеќе за инцидентот.

Рушитов го загуби животот во пожарот што Николче Л. го подметна по расправија за девојка со Димитар С.

Извор: Дневник

АНКЕТА »

Дали Општина Велес да се задолжи со 46 милиони денари, за да се изгради покриен Градски пазар?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »