речник контакт

Велешанецот Махмудов играч на холандски Цволе

Детето родум од Црна Џамија стигна до Холандскиот врв

Петар Печков

Иако не одигра ниту една минута, Денис Махмудов беше главната ѕвезда на турнирот во мал фудбал кој неодамна  се играше во Велес. Фудбалерот на холандски Цволе, со  кој го освои купот на оваа земја, разбирливо беше во центарот на вниманието.  Повеќето од љубителите на фудбалот во градот сакаа да се сликаат со него за спомен. Малото момче од велешката месност  Црна Џамија кој стигна до холандското фудбалско небо е идол за многу млади велешки фудбалери кои сега ја почнуваат својата кариера.    

Повредата ме спречи да играм повеќе.  Одиграв осум натпревари и постигнав  три гола.    Задоволен сум како сум прифатен во клубот, од настапите. Останувам во Цволе уште една година иако имав  понуди од Утрехт да преминам кај нив. Сегашниот клуб ми понуди услови кои не можев да ги одбијам – вели Денис, кој  игра по позицијата  лево крило а започнал како фудбалер  на Борец во средината.

Има 24 години, заминал а Холандија како дете на 12 а првиот контакт со топката го  имал на  шест, Тогаш започнал да  тренира. И каква случајност, токму на местото  каде сега е во публика да го следи турнирот, пред  цели 18 години ги направил првите дриблинзи со топката.

Започнав со тренинзи во Градскиот парк, на обична ледина, за сега да имам европски услови. Како дете помнам дека топката ако се шутнеше посилно завршуваше во Вардар. Оти тој е тука на десетина метри.  Наместо фудбал јас  и другарите  имавме  час по пливање, да се извади фудбалот од водата кога ќе се најдеше во неа – низ сема се сеќава Денис за неговите почетоци. Деновите додека беше во родниот град  се видел со фудбалерите со кои ги започнал  првите  тренинзи Аце Димов, Бојан Стојанов. Додава дека не може да го заборави тоа што го минал овде во Велес, неговите  први фудбалски чекори иако   разлика меѓу Борец  и Цволе за фудбалот била ,, како небо и земја,, . 

Завршил четврто одделение  во  ОУ Благој Кирков па заминал за Холандија. Таму него и целата фамилија ги повлекол татко му.  Со задоволство вели дека прв клуб му бил ФК Борец а прв тренер Тоше Нацев. Играл во Витесе, Агов, Екселзиор и од него  преминал минатата есен во Цволе. Клубот му доделил стан и автомобил мерцедес на користење. Со него допатува до Велес.

Фудбалот ми е се во животот .Многу напорно работам, два пати на ден тренираме. Се опоравив од повредата и сум подготвен за новите предизвици.  Поради тоа го одбив првиот повик на селекторот за репрезентација. Но сега очекувам нов и сигурно дадената шанса нема да ја испуштам.  Сакам да играм за Македонија и да давам голови. Тоа е мојата опсесија. Радоста по постигнат кол е неопислива. Многу тешко ми  падна тоа што финалето на холандскиот куп морав да го следам од  клупа, оти бев повреден и не можев да настапам  - додава Махмудов. 

Него конкурент за  тамошната стартната позиција е Ирецот  Рајан Томас. Стадионот на кој играат дома има капацитет од 14 илјади гледачи. Денис не знае до каде ќе стигне натаму во животот, но сака да го искористи моментот да биде  уште поголема фудбалска ѕвезда, величина.

Денис беше вредно мало дете, кое многу време минуваше на теренот . Драго ми е  што успеа во животот, тој  го заслужува тоа. Ја сфатил суштината на спортот , дека треба многу работа, труд и откажувања. И не треба да застане, сега е на најдобрите години и може најмногу да даде и да го искористи овој момент и  повеќе  Беше дете кое ветуваше и се проби. Беше мал ситен, но уште тогаш со луцидни потези го привлекуваше вниманието - се присетува на почетоците Тоше   Нацев  негов прв тренер  а сега на женската екипа на ФК Борец со која ја има освоено и двојната круна а беше и селектор на женска репрезентација.

Денис одморот се реши да го искористи во родниот град. Престојуваше кај неговиот чичко, во стариот дел на градот кај Црна Џамија, каде го минал детството. Махмудови биле спортско семејство, и Денис верува дека тој само ја  продолжил семејната лоза. 

Семејството на Денис е спортско. Дедо му Кенан беше фудбалер, татко му  Амед  му  бранеше за Дени Комерц, тоа е  футсал екипа. Беше и репрезентативец на Македонија.  Токму поради нив,  верувам дека и наследникот се одлучил да игра фудбал.  Неговиот две години  постар брат  Кенан  ветуваше многу, но го запостави фудбалот – вели Ото  семеен пријател на Махмудови.

За овие десетина дена додека е во Велес вели дека тука е животот, нема пари но има забава, пријатели, луѓе со кој може да се дружи и разговара, иако помалку го заборавил македонскиот јазик.  Во Холандија се е подредено на фудбалот, се дружи со Мароканци, Турци. Живее во Цволе со татко му, мајка му и братот. Бргу се врати назад за Холандија оти започнува е тренинзи и подготовки за следните предизвици. 

Од есен ќе играм и во Лигата на  Европа, ќе се докажувам со други посилни и  помоќни клубови, можност да го покажам своето знаење – најавува Махмудов. На прашањето дали како дете од Црна Џамија го сонувал овој негов живот со мерцедес и популарност, објаснува дека  ,,не се знае  што животот носи,,.

АНКЕТА »

Како го минувате времето дома во полицискиот час?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »