речник контакт

Велешанецот Шурбевски доцент на Универзитетот во Кјото, Јапонија

Александар замина како студент, остана и сега предава на Универзитетот кој е второ рангиран во Јапонија

Петар Печков

Александар Шурбевски, Македонец кој замина во Јапонија да заврши студии, остана  да работи (засега) како доцент  на   Универзитетот во Кјото, второ рангиран во државата  на изгрејсонцето.  Замина од Македонија, од Велес сам  во непознато а сега  е во брак  три  години,  со сопругата Харифара од Мадагаскар, се запознале пред седум. Иако и двајцата тогаш биле студенти, се запознале, додека учествувале во меѓународен камп организиран од UNESCO.

На тој камп Јапонски деца од претшколска возраст имаат можност да поминат извесен период со луѓе од различни средини и да се запознаат со повеќе култури од  светот. Со своите 30 години, животната определба засега му е поврзана со Јапонија, за натаму, вели времето ќе каже.    

      -  Како дојде да студираш во Јапонија? 

 Во Јапонија дојдов како студент со помош на стипендија од Министерството за Образование, Култура, Спорт, Наука и Технологија на Јапонија (Monbukagakusho или MEXT). Оваа стипендија има поголем број под-класи во коишто може да се аплицира, вклучително и додипломски студии и студии за Јапонски јазик и култура, меѓутоа кога јас аплицирав. Во Македонија беше возможно да се аплицира единствено за стипендија за последипломски студии. Целиот процес на аплицирање, собирање документи, интервјуа, и слично, траеше речиси цела година.

       - Но ти продолжи  и да работиш таму, во Кјото?

 Најпрвин со програма е предвидена една година истражувачки престој на Универзитет во Јапонија, по што може да се аплицира за приемен испит за последипломски студии. Истражувачкиот престој и Магистерски студии завршив на Институтот за Технологија на Кјото (Kyoto Institute of Technology). Магистерските студии траат две години. Во втората година се пријавив и го положив приемниот испит за докторски студии на Универзитетот на Кјото (Kyoto University), кој рангира како втор универзитет во Јапонија. Во 2014 година ги завршив докторските студии и продолжив да работам како доцент на истиот оддел.

      - Каде си моментално ангажиран, што предаваш? 

Работам во склоп на Одделот за Применета Математика и Физика, Факултет за Информатика, при Универзитетот на Кјото. Специјалноста на овој оддел е дискретна математика, алгоритми, операциски истражувања и оптимизација. 

   - Освен што предаваш, во слободното време ја освојуваш Јапонија.  Беше  на Фуџи, зошто се искачи?

Планината Фуџи е активен вулкан, највисоката планина (3776 м), и еден од карактеристичните симболи на Јапонија. Од дамнешно време е инспирација за многу уметници, поети и писатели, а се смета дека првото документирано искачување до нејзиниот врв пред 1400 години било од будистички монах. Една Јапонска поговорка вели дека оној кој се искачил еднаш на светата планина мора да е многу храбар, а кој се искачил два пати – будала. Во денешно време секоја година стотици илјади луѓе се искачуваат до врвот. Во 2011 година, и јас се вклучив во едно патешествие до врвот. Покрај пристигнување до самиот врв, особено интересно е да се види изгрејсонцето токму од ова место, така што се искачувавме преку ноќ. Планината е воедно и национален парк, и од половина висина па нагоре е забранет секој сообраќај и единствена можност да се стигне до врвот е пеш. Самото искачување од околу 1500 m висинска разлика меѓу последното место достапно за возила до врвот, не е невозможно тешко, но многу луѓе се соочуваат со тешкотии поради ноќното искачување, мало ниво на кислород, и присуство на многу фина вулканска прашина и пепел која го отежнува дишењето. На моја голема среќа, не се соочив со никакви проблеми, и успеав да пристигнам на врвот непосредно пред изгревање на сонцето.

     - Беше и во Непал, што беше целта?

Дел од моите работни обврски вклучуваат и истражување на нови методи или продлабочување на постоечките резултати. Еднакво важно е овие резултати да се објавуваат во научни списанија, и да се презентираат на научни конференции, семинари и состаноци. Академскиот свет е сериозно сфатен како поле за културен натпревар. Во склоп на овие активности, не ретко сум во можност да посетам многу места низ Јапонија и околината. Конкретно во Непал бев да презентирам дел од нашата работа на меѓународна конференција со наслов „Работилница за Алгоритми и Пресметување“. Покрај Непал, низ изминатите неколку години ги имам посетено и Кина, Индија, Тајланд, Малезија, Сингапур, Тајван, Хонг Конг, а во неколку прилики имам учевствувано и на меѓународни научни собири организирани во Македонија.

АНКЕТА »

Дали Општина Велес да се задолжи со 46 милиони денари, за да се изгради покриен Градски пазар?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »