речник контакт

Велешани открија нов спорт, тенисот

Велешани првпат ќе имаат можност да гледаат тенис во живо, кога во првото коло од Втората евро-африканска зона ќе се сретнат селекциите на Македонија и на БиХ.

Петар Печков

Организаторот деновиве ги отвори вратите од салата „Гемиџии“ за учениците од градот кои во голем број ги следат подготовките и тренинзите на двете репрезентации.

Младите не го кријат воодушевувањето што „открија“ нов спорт, поинаков од екипните на кои можат да присуствуваат во Велес. Тенисерите се хит меѓу новите генерации, но и постарите со голем интерес ги следат тренинзите на нашите Пецко, Лазе, Грабул и Шендрит.

Прв пат можам да гледам тенис во живо, макар и на тренинг. Досега овој спорт го гледав само на телевизија. Интересно е на овој час. Иако не го знам составот на македонската репрезентација и не ги познавам добро нашите тенисери, очекувам да не' израдуваат со победа против БиХ - вели средношколец од велешката Гимназија.

Тој и неговите соученици од класот, наместо на час по физичко воспитание во сала, ја следеа вчерашната тренинг-сесија на македонските тенисери во живо. Меѓу многубројните присутни ученици имаше и голема група девојки. Дојдени да видат тенисери во живо, но и да научат нешто за овој спорт.

 Не ги знаеме баш добро правилата, бидејќи никогаш и не ни требале и не ги барале на училиште. Сега учиме и за должината на терен, и за ударите, бекхенд и форхенд, и за освојување на поените. Морам да признам дека не познавам ниту еден тенисер, но многу е интересно - изјави ученичка од Гимназијата.

Долу на теренот се и младите членови на тенискиот клуб Борец кои имаат можност по 15-ина минути при загревањето на македонските репрезентативци со нив да одиграат по некој поен.

Ги повикавме младите од градот, учениците, за да видат како изгледа вистински тениски натпревар и за да може на официјалните натпревари во викендот, салата да биде полна. Необично им е што има земјена подлога. Истовремено ги учат и правилата како ќе треба да ја бодрат репрезентацијата. Сепак во овој спорт важат некои поинакви кодекси за навивање - велат од раководството на ТК Борец.

Мечот ќе се игра викендов од петок до недела, капацитетот на велешката сала „Гемиџии“ е 2.700 седишта. Билетите се 100 денари за сите три дена.

АНКЕТА »

Дали состојбата со ковид-19, го промени начинот на живот кај Вас?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »