речник контакт

Велешани рекордно даруваа 382 единици крв

На 17-тата крводарителска голема летна акција во Велес собрани 382 крвни единици, што е досега најмногу собрани во Македонија!!

Петар Печков

Велешани масовно се одѕваа на најголемата крводарителска акција во Македонија и за шест часа даруваа   рекордни  382 шишиња со крв. Во редица трпеливо по жешкото августовско сонце тие чекаа  и по шеесетина минути за да ја даруваат драгоцената течност. Организаторот, Црвениот Крст од Велес  вели дека годинава е изненаден од високиот одѕив на млади до 25 години и женска популација, кои во најголем број дојдоа да даруваат крв.

Ова ми е десетто дарување и секогаш тоа го правам на оваа голема летна акција. Чекав повеќе од еден час, но не жалам што се испеков на жешкото време, бидејќи знам дека сторив голем гест за некого на кого му е потребна крвта – изјави Драган Јорданов. Меѓу крводарителите имаше и  бројни стечајци, невработени, технолошки вишок, кој иако нема да добијат никаква материјална корист - слободни денови на работа за даруваната крв, тоа го сторија од високо морални причини, да спасат нечиј живот.

Ова е 17-та летна крводарителска солидарна акција во организација на Црвениот Крст од Велес а собраните крвни единици се наменети за Клиниките во Скопје. Таа во сите изминати години е рекордна во Македонија за тие 12 месеци, со најмногу собрани крвни единици, така лани беа собрани 375 а годинава за седум повеќе 382.

Ова е убав пример, кога ќе се види дека толку млади се дојдени да даруваат крв. Тоа најверојатно се должи на долгогодишната традиција на доброволно дарување која ја имаат велешани, како и на нашата работа во средните училишта кога тие за прв пат се решиле да даруваат крв – изјави д-р Миленка Благоевска од Републички Завод за трансфузиологија од Скопје.

АНКЕТА »

Дали попустите за „Црниот петок“ ги оправдаа очекувањата?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »