речник контакт

Велешката железничка станица триипол часа сардисана

Шест композиции возови, илјада патници 200 минути беа на железничката станица во Велес, поради протест на патниците за лошите услови за патување

Петар Печков

 Три и пол часа траеше блокадата на железничкиот патнички сообраќај во земјава , откако на железничката станица во Велес незадоволните патници  ги сопреа возовите.  Шест воза со повеќе од илјада патници  ја чекаа разврската, по барањата на велешките патници упатени до раководството на железницата. Повеќе стотина патници беа револтирани од услугите кои ЈП Македонски Железници – Транспорт им ги нуди и затоа се решиле на ваков чекор, го сопреа сообраќајот од 5,30 до 9 часот.

Од понеделникот наутро од Битола во 5,40 наместо воз со локомотива и повеќе патнички вагони сообраќа т.н. шпанец. Тој доаѓа полн и за нас патниците од Велес нема место. Да не говорам како е  потоа и на станиците  Зелениково, Јане Сандански, Драчево. Нема услови, место ни да стоиш, ниту да дишеш а железничарите  бараат  да се собереме и стигнеме до Скопје. Ја покачија железничката карта за 50 отсто, но не понудија подобри услови. Затоа бараме да се врати патничкиот воз а не со моторен да патуваме до Скопје – велат револтираните патници.

Една од патничките ја покажа и нејзината месечна карта, која иако ја употребува три дена, уште не е поништена. Објаснува  дека така бидејќи имало толку  гужва  и патници во возовите,  што кондуктерите не можеле да ги поништат билетите. Тие се пожалија и дека во текот на вчерашниот ден, во попладневните часови сообраќајот бил во прекин  два часа. Толку време доцнеле во тргнување возовите кон Битола и Кочани од железничката станица Скопје.

Со овие утрински  возови патуваат сиромашни луѓе. Земаме по 10 и 12 илјади плата а две и пол даваме на железница за карта. И сега уште не лажат дека ова што се случува е нормално. Не можат да се организираат, тоа е проблемот не е до бројот на вагоните. Се започна откако од први април се пушти нов воз, локал од Прилеп до Битола. Таму сообраќа воз со локомотива а на оваа релација пуштија моторен, кој нема капацитет да ги собере сите патници на релација од Битола до Скопје  - велат патниците.

Утрово на железничката станица во Велес   беа возовите  од Скопје кон Битола и Гевгелија, и од Гевгелија, Битола, Кочани и експресот Хераклеја, немаше простор каде да се постават па  мораше на еден колосоек да има и по три композиции. Претставниците на МЖ кои беа на железничката станица во Велес ги советуваа патниците да  се качат во возот, бидејќи ти немале обврска да им понудат место за седење, туку доволно е што обезбедувале превоз, па макар и на една нога.

Влезете во возот, има доволно место за сите. Ако отворите на интернет ќе видите дека и во Јапонија има вакви гужви, ниту таму не е совршено и тие се тискаат – им порача претставник на Македонски Железници. 

Блокадата беше завршена во девет часот, откако раководството на МЖ им понуди средба со делегација од патниците, која ќе ги пренесе нивните барања а ќе се реализира во текот на утрешниот ден. Ова е трет ден по ред како во утринските часови  се случува блокада на железничкиот сообраќај на станицата во Велес

АНКЕТА »

Како го минувате времето дома во полицискиот час?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »