речник контакт

Велешкиот ракометен ас Влатко Темелков

Интернационалецот Влатко Темелков девет години е надвор од земјава, толку време е на ракометните терени по Европа, најмногу во Германија.

Петар Печков

 Интернационалецот Влатко Темелков девет години е надвор од земјава, толку време е на ракометните терени по Европа, најмногу во Германија. Малку е присутен во медиумите во земјава, скромен и тивок, се што има покажува на терен. Тој со својата игра остави силен впечаток на последното Европско Првенство во Србија а навивачите го помнат и од Светското Првенство во Хрватска.

Негов е дресот со број 11. После секој постигнат гол, остана во сеќавање неговото радување со високо подигнати раце и повик кон навивачите за поголема поддршка. Откако емоциите по првенството спласнаа, впечатоците се средуваат, леворакото крило се навраќа на големиот успех на македонската селекција.

На сите натпревари одевме на победа, бидејќи на вакви првенства секоја победа за нас е историска.  И такво беше нашето мото, да дадеме се од себе за да славиме на крајот, а се што ќе  добиеме е плус за нас. Многу ни значеше поддршката од трибините, тоа за 30 отсто не мотивираше повеќе и имавме мака како на крилјата од публиката да го симнеме адреналинот во нас. Од натпревар во натпревар  игравме се подобро и бевме се помоќни, имавме се повеќе самодоверба за нашиот квалитет. Многу ме боли поразот од Данска, тоа беше спортска неправда. Сега гледам дека со него загубивме полуфинале и  медал. Публиката беше нашиот осми играч – вели Темелков. 

На првенството ослабел  5 кг, што го припишува на  играта и во напад и во одбрана, каде  не се штедеше, даваше се од себе. Смета дека репрезентацијата била најдобро организирана досега. Имале  медицинска поддршка со персонал  од болницата Систина. Со нивните  напори успеале тешките натпревари да ги пребродат и свежи да играат на секој нареден. Тие имале голем придонес во на успехот на репрезентацијата. Исто како што имале и навивачите.  Неговите дома се гордеат со успесите на синот, кој малку го гледаат, во живо, повеќе на телевизија.

Прекрасно е чувството кога го гледаш синот дека е успешен репрезентативец, тоа ми го полни срцето. Додека го следевме првенството дома, доаѓаа пораки со поддршка, навиваа.  Цената што ја плати со успешната ракометна кариера е висока, со години не е дома. Но од друга страна кога ќе видиме како тешко  се живее тука,  а тој е успешен во странство, ми е полесно. Мислам  тешко  дека ќе се врати дома во Велес, во  Македонија. Има сопруга Германка, таму има круг на пријатели, живее подолго време – вели Делчо Темелков, татко на Влатко.

Со ракомет започнува  во 94-тата кога во Велес владее еуфорија откако РК Борец го освои  купот и следната година првенството. Полната сала е предизвик за него, но за жал Борец започнува финансиски да тоне иако Темелков е првата ѕвезда на Борец, заедно со неговиот соиграч Горјан Анастасовски, кој сега игра во Франција. Поради ова Темелков од дома, од Борец и Велес  заминува 98-та во Битола, во Пелистер.   Неговата одлична игра не останува не забележана па од 2003-та ја започнува меѓународната кариера, со настапи во повеќе германски клубови. Осум години игра во Бундес лига и тоа: две Фулинген, четири  Вилштат и две години Балинген. Сега настапува во Башараш  од градот Еш во Луксембург.

Многу е тешко во странство, сам, без родителите, брат ми, кои ми недостигаат. Правам напори да ги видам кога ќе можам да ги посетам, но тоа е животот. Материјалното не ми е примарно во животот, не е во прв план. Задоволен сум од моите игри, иако ракометарите не заработуваат како фудбалерите. Сакав сигурен  и стабилен живот и го имам.  Секоја година добивав одлични финансиски понуди и од Вардар и од Металург, но се навикнав  со мојата фамилија на Германија, така што немам намера да менувам нешто. Сега тука  имам семејство. Во животот никогаш не велам не. Моментално сум задоволен од мојот живот, ме исполнува,  среќен сум, создадов круг  добри пријатели. Плановите не ми се да се вратам назад, но никогаш не се знае – објаснува Влатко.

Лигата во Луксембург каде игра за Башараш  брои 8 екипи, се игра лига систем,  за потоа првите 6 екипи да играат повторно секој со секого  дома и гости. Неговата екипа игра и  во регионалната  Бенелукс лига заедно со  најдобрите четири екипи  од Луксембург,Белгија и Холандија. И во двете лиги се на третото место.

 

Замерките  дека играм во Луксембург, дека сум  на залезот од кариерата ме погодија,  но и ме мотивираа  и со играта на ЕП  покажав на терен   колку вредам. Сите тие заборавија дека Темелков  последните 5-6 години играше по 60 минути за репрезентација, во прва постава, паднав на глава на квалификациите во Естонија, можев да минам со тешки последици, да го оставам семејството само, но јас по два дена играв  веќе на следната  средба во Б и Х .  Лигата во Луксембург не е послаба од таа во Македонија   - објаснува   Темелко.

По 45 дневното отсуство од дома, едвај чекаше да се врати, да ги види сопругата Германката Хелена, двете деца синот Ники од  4 години и ќерката  Лиза  која има неполна една. Пропуштеното време сега го надополнува со прошетки, дружења со фамилијата. Токму внуците најмногу недостигаат на  бабата.

Многу сум среќа и горда што синот Влатко беше дел од репрезентацијата која постигна голем успех. Од мале нозе не е дома, отиде во Битола таму беше пет години па потоа замина во Германија. Тешко ми  паѓа неговото отсуство, но  кога гледам дека е добро и е задоволен од тоа што го работи и јас сум среќна. Се гледаме два три пати годишно  кога игра репрезентација и тогаш доаѓа дома во Велес. Најмногу ми недостигаат внуците –  Катица Темелкова, мајката на Влатко.

 

Влатко Темелков  ги одигра   сите седум натпревари  на ЕП во Србија. Постигна   15 гола  од  22  шута  или имаше   реализација од  68%. Неговиот гол против Словенија, кога ја заврте топката од крило, се најде меѓу 20-те најдобри на ЕП  и беше рангиран како 13-ти по убавина.  Играше   5,52 часа или по минутажа беше четврти во составот, најмногу одигра   Лазаров 6,05  па голманот  Ристовски 6,04 и Алушевски 6,02 часа.
 
Германските новирани во Србија се чуделе од каде толку македонски навивачи во Ниш и Белград,  па бидејќи  играше долго време во Бундес лигата  го прашале Влатко.

Вие сте така мала земја  а така спортска нација и  имате толку многу навивачи. Прашуваа ,,сите ли  од Македонија доаѓаат  тука  да ве  бодрат,,. Навивачите  многу спортски не поддржуваа, па на Европа и покажаа дека знаеме да  навиваме – вели Темелков.

АНКЕТА »

Дали летово планирате да одите на одмор и ако одите каде?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »