речник контакт

Велешките екологисти против рестартирање на Топилницата

Неуспешен обид на Метрудхем за велешани за нивната судбина да дебатираат во Скопје

Петар Печков

Претставници на Зелената коалиција од Велес на новиот сопственик на Топилницата, фирмата „Метрудхем“ денеска повторно му ја пренесоа пораката дека не сакаат рестартирање на, како што велат, убиецот на нивниот град.

- Никој нема поединечно мандат да се изјасни во името на 55.000 луѓе и доколку немате разбирање дека треба да дебатирате со целата јавност со сите граѓани на Велес, останува да ви се заблагодарам. Вашите аргументи се бизнис интересот и тоа може да биде ставено во рамки на бизнис интересот, а луѓето овде имаат право на сопствен живот и на здравје и не може никој да ни го одземе тоа, рече Петров.

Портпаролот на компанијата „Метрудхем“ Александар Билбилов рече дека со рестартирањето на Топилницата сакаат да направат нешто добро за Велес и оти аплицирале во Министерството за животна средина и просторно планирање за интегрирана дозвола за нејзина работа.

-Чистата околина во Велес е од интерес за сите и јавно и одговорно пред вас и пред целата јавност изразуваме разбирање за темата за која сте засегнати, рече Билбилов, нагласувајќи дека тој е претставник на фирма која досега не функционирала во Македонија и оти рестартирањето на Топилницата е во интерес на граѓаните во Велес.

Билбилов рече дека одговорноста на локалните самоуправи е да ги поддржи сите економски иницијативи што се во рамките на законот.

Ние сакаме да донесеме зелена економија со нова технологија. Нудиме начин да се справиме со историското загадување за кое не сме одговорни, додаде портпаролот на „Метрудхем“.

Пратеничката Лилјана Попоска, која е дел до Зелената коалиција, рече дека економскиот интерес не треба да се стави пред здравјето на луѓето и над загрозувањето на животната средина.

Според претставниците на Зелената коалиција, не постои дијалог за рестартирање на Топилницата и оти компанијата не е пожелна во Велес.

Посочија на спроведената анкета меѓу велешани која покажала дека повторното работење на Топилницата ќе носи загадување и болест во градот.

Ангелче Гушев, претставник на Зелената коалиција, го изнесе ставот на коалицијата и градоначалникот според кој градот Велес не се согласува со рестартирање на Топилницата, бидејќи со нејзината работа се загрозува иднината на жителите и на нивните поколенија.

Не ја признаваме работата на експертите кои 10 години ја лажеа јавноста дека нема загадување, а денес се воспостави дека здравјето на велешани и загадувањето на почвата е катастрофална, рече Гушев, притоа повикувајќи го „Метрудхем“ јавно да се откаже од намерата за рестарт на Топилницата, а во спротивно ќе бидат прогласени за „непожелна компанија“ во градот.

Тие ја повикаа Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање да го спречат повторното рестартирање на велешката топлиница и да го заштитат градот од повторно загадување и целосно уништување.

текстот е преземен од МИА

АНКЕТА »

Како да се надмине состојбата со големиот број заразени лица, позитивни на ковид-19?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »