речник контакт

Велигден

Како Јуда го предаде Исус за 30 сребреници, за Тајната вечера, за Неверниот Томо, за Прости им Господе не знаат што прават, кој ја изрече пресудата Исус да биде распнат, за Понтеи Пилат и Ирод во продолжение.

Петар Печков

Последната недела од Велигденските пости, што значи неделата пред Велигден, се вика и Велика и Страсна недела. Сите денови од оваа недела се викаат Велики или Вели како Велики Понеделник, Велики вторник и тн. Свети Јован Златоуст вели дека оваа недела се вика Велика затоа што затоа што во неа Господ направил големи дела: разрушено е царството на ѓаволот, уништена е смртта, победен е гревот, симнато е проклетството, отворен е рајот и небото им станало достапно на луѓето. На тој начин луѓето се соединиле со ангелите, урнат е и отстранет преградниот ѕид и Богот на мирот ги измирил небесното и овоземното.

Пораснувањето на популарноста на Исус, масовно посетените и со интерес слушани проповеди уште повеќе ги налутиле властите, фарисеите и книжниците кои решиле по секоја цена да го фатат и да го казнат. Но чекале погодна прилика зашто тоа можела да го разгневи народот кој во него гледал не само учител туку и пророк. Особено што доаѓал големиот празник Пасха кога Ерусалим бил преполн со народ, а народот бил во посебно расположение. „Само не на празникот, за да не стане бунт во народот“, велеле тие. Погодна прилика не им се укажала ниту во понеделникот ниту во вторникот. Дури во средата еден ученик Исусов по име Јуда Искариотски дошол кај фарисеите им понудил да им го предаде Исуса за 30 сребреници, скоро безначајна сума. „

Тогаш еден од дванаесетте, по име Јуда Искариот, отиде при првосвештениците и рече: „Што ќе ми дадете да Ви го предадам?“ А тие му предложија триесет сребреници. И тогаш  тој бараше погодно време да го предаде“.
Исус знаел што ќе се случи поради што ги повикал своите ученици на заедничка вечера.

На оваа т.н. Тајна вечера Исус им укажал на учениците негови дека еден од нив ќе го предаде, што кај сите предизвикало изненадување: „Вистина ви велам еден од вас ќе ме предаде. Но тешко му на оној  човек преку кого синот човечки  ќе се предаде, добро ќе беше за тој човек ако не беше се родил“. Исто така на оваа тајна вечера Исус ги благословил виното и лебот со што ја востановил и светата причесна. „И кога јадеа Исус зеде леб, го благослови и рече: „Земете јадете ова е моето тело.“ И како ја зеде чашата, заблагодари, им даде и рече: „Пијте од неа сите, зашто ова е мојата крв на Новиот завет кој се пролева за мнозина за опростување на гревовите“.

По вечерата Исус заминал во Гетсиманија, место во близината на Ерусалим, а Јуда веднаш отишол кај првосвештениците за да им го предаде. Тие испратиле вооружени војници, а Јуда им рекол да го фатат оној што тој ќе го бакне. „Кога ќе го целивам, Он е фатете го“, им рекол.

По фаќањето Исус бил одведен кај Кајафа. Тука бил испрашуван за неговото учење но тој ништо не скривал зашто тоа било јавно. Бил обвинет за неморал, за лажно учење и за бунтување на народот. А кога потврдил дека тој е Исус синот Божји, првосвештениците сметале дека ја заслужил смртната казна. Но бидејќи на смрт можеле да судат само римските властодршци утрото Исус врзан го испратиле кај управникот на Јудеја Понтие Пилат.

Но тој знаел дека Исус е приведен од првосвештениците од завист и не сакал да го казни. А кога разбрал дека Исус е од Галилеја рекол дека тамо управник е Ирод кој во тој момент бил во Ерусалим и дека тој треба да му суди. Но и Ирод не нашол вина па пак го вратил кај Пилат. Во тоа време имало обичај секоја година на празникот Пасха управникот да ослободува по еден  затвореник што ќе го побара народот.

Пилат го прашал народот кого да го ослободи, но народот заведен од првосвештениците побарал ослободување за Варава, најголемиот злосторник, а распнување за Исус. Тогаш Пилат предавајќи им го Исус зел вода и си ги измил рацете пред народот велејќи: „Невин сум за смртта на овој праведник. Мислете му вие“.

Исус го мачеле, врз грбот му ставиле голем дрвен крст кој требало да го носи до Голгота местото каде што требало да биде распнат. Му ставиле и венец од трње на главата, и му се потсмевале со зборовите: „Радувај се Царе Јудејски“. Бил  распнат заедно со двајца разбојници, а кога војниците го заковувале на крстот тој се молел за нив: „Прости им Господи не знаат што прават“.

Кога Исус испуштил душа се случиле повеќе натприродни феномени. „И наеднаш се расцепи црковната завеса на два дела, од горниот крај до долниот, и земјата се  затресе и карпи паднаа; и гробови се отворија и многу тела на упокоени светии воскреснаа“. Денот кога Исус бил мачен, распнат и кога починал бил петок. Затоа освен Велики овој ден се вика уште и Распет петок.

За да не стои телото на Исус на крстот двајца негови ученици Јосиф и Никодим побарале дозвола од Пилат да го симнат и да го погребат. Бидејќи претстоел големиот еврејски празник Пасха, Пилат кому не му била чиста совеста во врска со смртта на Исус им дозволил да го погребат. Според обичаите тие го завиткале во платно го намачкале со мириси и го погребале во семејната гробница на Јосиф во која дотогаш никој не бил погребан. Гробот го затвориле со тежок камен. На погребот присуствувале и Марија Магдалена и Марија мајката на Јаков и Јосиф.

Еврејските првосвештеници го знаеле претскажувањето на Исуса дека на третиот ден по умирањето ќе воскресне. Поради тоа го посетиле Пилат и побарале дозвола пред гробницата да стават стража за да не се случи учениците негови да го украдат телото и после да шират вести дека воскреснал. На тоа Пилат им рекол: „Имате стражари, одете и направете како што знаете“.

Првосвештениците го запечатиле гробот и оставиле стражари пред него.
Но кога осамнала неделата земјата се затресла и стражарите се исплашиле. Силна светлина ја осветлила Голгота и го најавила воскресението. Исус се појавил како богочовек со што го потврдил своето учење. Потоа слегол ангелот од небото и го отстранил каменот од отворот на гробот. Но тогаш Исус веќе бил воскреснат, нему не му било потребно некој да му го отвори гробот, тоа било направено за другите да се уверат во вистината.

Марија Магдалена прва дошла на гробот на Исус. Кога го видела гробот празен многу се исплашила и загрижила и отрчала да ги викне Петар и Јован кои веднаш дошле но го нашле само платното во кое било завиткано неговото тело и крпата за лице внимателно здиплена. Откако Петар и Јован заминале Марија седнала покрај гробот и тивко плачела. Во тоа време забележала човечка силуета што не можела да ја познае поради утринскиот мрак. Помислила дека е  градинарот Јосифов и му се обратила:

„Господине, ти ако го зеде кажи ми каде го сокри и јас ќе го најдам“. Во тоа време чула глас: „Марија!“ и го познала гласот на Исус. „Учителу!“, извикала таа и потрчала да му ги прегрне нозете но тој и рекол: „Не допирај се до Мене, оти уште не сум се вратил при мојот Отец; туку отиди при браќата мои и кажи им: се враќам при Својот Отец и при Вашиот Отец, при својот Бог и при вашиот Бог“. И исчезнал. Марија станала и среќна отишла кај учениците и им кажала дека го видела Господа и што и рекол.

Утрото и други жени дошле на гробот според обичајот да го намачкаат телото со мириси. Но и тие нашле само празен гроб, а ангелот им ја кажал вистината: „Зошто го барате живиот меѓу мртвите? Он не е овде а воскресна; сетете се како ви рече кога беше уште во Галилеја“, говорејќи дека Синот Човечки треба да биде предаден на луѓе грешници и да биде распнат, и на третиот ден да воскресне.“
Откако се случил овој настан стражарите дотрчале кај првенците и ги известиле. Но овие им дале многу пари за да не ја кажуваат вистината туку да велат дека учениците го украле телото додека тие спиеле.

Истата вечер Исус им се јавил на своите ученици. Тие биле затворени во една соба плашејќи се од Јудејците. Одеднаш се појавил Исус и ги опоменал да не се плашат, а потоа им ги покажал своите нозе, раце и ребра за да ги увери дека е тој. Дувнал во нив велејќи им: „Примете свет дух“. Потоа побарал и храна и ја изел за да ги увери дека не е привидение. Од учениците тука не бил само Тома кој подоцна кога му кажале дека го виделе учителот не им верувал. Оттука останала и изреката „Неверен  Тома“.

Исус им се јавувал на своите ученици 40 дена по воскресението кога се вознесол на небото. Затоа на  четириесет дена по Велигден се празнува Вознесение Христово или Спасовден. До овој празник се чувствува свечената велигденска атмосфера, а луѓето се поздравуваат со велигденскиот поздрав: „Христос воскресе“ и си отпоздравуваат со: „Воистину воскресе“. Првиот поздрав значи и соопштување на веста за Христовото воскресение, а отпоздравот потврда на таа вест.

АНКЕТА »

Каде одмарате летово?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »