речник контакт

Велигденски пости

Најстрог и најдолг е велигденскиот или големиот пост, кој трае од Прочка до Велигден.

Петар Печков

Велигденскиот пост  е 40 дена (четериесеница), од Чист понеделник до Лазарова сабота и уште Страсната недела од Цветници до Велигден, вкупно 48 дена. Исус пред да го почне своето учење, (откако бил крстен), 40 дена минал во пустина во строг пост и молитви.

А бидејќи во текот на овој период се случиле и неговите страдања (фаќањето, мачењето и распетието) и постот е проследен со многу телесни и душевни одрекувања, со самоконтрола и со подготовки за причесната кога верниците се идентификуваат со својот спасител, јадејќи од лебот што симболично го претставува неговото тело и пиејќи од виното што, исто така, симболично ја преставува неговата крв.

Оттука постот не е време на очаение и мрак, на страдања и измачување на телото и душата, туку е чин на радост и закрепнување, на љубов кон Бога и кон човекот. Еднодневни пости се средата и петокот, кои се постат во текот на целата година, освен во т.н. редовни седмици. Повеќе дневни пости кои одговараат на четирите годишни времиња се: велигденските, петровденските, богородичните и божиќните пости.

Велигденскиот пост е единствениот што има подготвителен  период од неколку недели. Најпрвин тоа е Неделата на блудниот син и најпосле Месопусната недела, кога за последен пат е  дозволено да се јаде месо. Митарот (митник, цариник), го ограбувал народот и само преку покајание и барање прошка можел да се ослободи од гревот, а фарисејот, пак, иако живеел според правилата, со тоа што се чувствувал горд исто така направил грев за кој треба покајание и барање прошка. Покајанието и проштевањето се важни моменти за православните христијани пред започнувањето на велигденските пости.

Вистинскиот пост почнува со Чист понеделник, денот по Прочка. Но неделата пред прочка се вика Месопусна недела, народот ја вика и месопусни поклади, затоа што тогаш се запокладува, (се запостува) со месо. Во текот на оваа недела се јаде сирење и други млечни производи поради што се вика и сирна недела, некои ја викаат и бела недела. Прочка се вика и Сирни поклади, поради тоа што оттогаш се пости и од млечи производи, а се вика и Проштени поклади.

Инаку бидејќи рибата се смета за мрсна храна, може да се јаде за време на велигденските пости, но само на Благовештение и Цветници. Одобрувањето да се јаде риба на поголемите празници и за време на пост (како и виното и маслото) доаѓа од потребата, од една страна да се запази постот, а од друга страна на празникот да му даде поголема свеченост во празнувањето.

Бидејќи Велигден, а со тоа и велигденскиот пост се со променлив датум, ако Благовештението се падне пред Цветници дозволено е да се јаде риба, масло и вино, а ако се падне на Страдалната (страсната) седмица, тогаш не се јаде ниту риба. Инаку, од постот никој не може да биде ослободен, но има извесни олеснувања за болните, леунките, децата и сл. Во таа смисла за овие луѓе може да се дозволи употреба на масло и вино, но никако месо, јајца, млеко, па дури и риба.

АНКЕТА »

Каде одмарате летово?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »