речник контакт

Велигденско послание на Владиката Агатангел

Велигден е денот, кога треба слободно да пристапиме кон трпезата на радоста, зашто Христос навистина воскресна заради вечна веселба на сите Негови верни и посветени следбеници. Овој ден го создаде Господ за да се радуваме и да се веселиме во него.

Петар Печков

Драги браќа и сестри,

Нашата вера во вечниот живот е заснована токму на Христовото воскресение. Онака како што Он пострада, беше погребан и воскресна, така и сите починати ќе воскреснат. Ако го нема воскресението, ако Христос не воскреснал, нашиот живот би бил бесмислен. Дури и кога би можеле животот на земјата да го уредиме, така што во него да нема болести, страдања и неправди, сепак, поради сознанието дека крајот на нашиот живот е смртта, ние луѓето би биле крајно несреќни и незадоволни. Христос со своето воскресение покажа дека смртта е немоќна. Победен е најголемиот непријател на човековиот живот - смртта! Затоа овој ден е ден на радоста.

Овој свет без Бога престојува во мрак. Но во тој мрак свети вечната светлина и темнината не може да ја победи. Затоа на денот кога го празнуваме Воскресението носиме запалени свеќи, за симболично да ја покажеме непобедливата сила Христова, која е светлина и живот. Светлината и животот секогаш одат заедно. Каде што има сонце, таму има и живот. Животот не може да опстојува во темнина. Така е и во духовниот свет - таму каде што има духовна светлина, таму каде што Евангелската светлина свети во душата на човекот, таму има и духовен живот, бесмртност, има трајни вредности, има светлина која од Бога излегува и која нè доближува до Него.

Воскресението Христово е најголемиот настан во историјата на човештвото. Во него се состои суштината на нашата вера, суштината и основата на христијанството и на нашето спасение. Навистина луѓето би биле несреќни ако Христос не му го објавеше на светот Своето божествено учење за правдата, братската љубов и моралната чистота. Но, луѓето би биле загубени за вечниот живот ако Он не воскреснеше и ако не докажеше дека е Господар на животот и смртта.

Но, Христос воскресна и со тоа ја покажа божествената и спасоносната сила која е во Него. Таа моќна и благотворна сила најсилно допира до човечките души во пасхалните денови. Радоста поради Христовото воскресение не ги обзема само луѓето, таа ги обзема и небото и земјата, сета видлива и невидлива природа. Насекаде се покажува и насекаде триумфира силата на животот. Осилото на смртта е затапено, направено е да биде неповредливо. Човечката душа се чувствува како на крилја поради верата и надежта дека Христос, Кој има божествена моќ и Самиот да воскресне, и нас ќе нè воскресне. По Воскресението Христово човечката телесна смрт е само привремен сон, нам, на луѓето ни се отворени не само вратите на пеколот, каде што нè туркаат нашите гревови, туку ни се отворени и небесните двери, каде што нè привлекува воскреснатиот Спасител. За оние кои веруваат, постојат скали од земјата до небото, каде што воскреснатиот Спасител, седејќи оддесно на Божјиот престол го подготвил вечното царство на мирот и радоста во Светиот Дух.

Христовото воскресение е гаранција за нашето воскресение. Како што пченичното зрно фрлено во земјата умира за да воскресне и да се развие во билка и да донесе повеќе род, така и човечкото тело ќе биде погребано, за да воскресне тело духовно и вечно. Оти по Воскресението распадливото се облекува во нераспадливо, а смртното - во бесмртно. Тогаш ќе се исполнат зборовите - победата ја проголта смртта. Смрт, каде ти е осилката? Пеколу каде ти е победата? (Кор. 15, 53-55).

Денот на Христовото воскресение е најголем ден и ден на општа радост во светот. Тој ден е празник над празниците и прослава над прославите. Тој настан не е само во срцата на верните, таа света радост денес се разлева насекаде и ги зафаќа сите битија, ја опфаќа целата природа, ги исполнува небото и земјата. Обземени од таа духовна радост поради Христовото воскресение, да го дополниме и да го продолжиме размислувањето за нашето сопствено воскресение.

Христос воскреснал како Богочовек. Оти Тој, Бог Словото, се јавил во тело кое не го примил од ангел, туку од семето на Авраам. Во Него се соединила Божествената со човечката природа. Со тоа соединение човечката природа е проткаена со божествената и е подготвена за вечноста, за која е предодредена. Затоа привремената смрт на телото не може веќе да влијае врз новиот и вечен живот. Зашто Бог нема да ја остави душата на праведниците во пеколот, ниту пак ќе дозволи праведникот да види распаѓање. Бидејќи Христос воскреснал, никој не може да тврди дека и мртвите нема да воскреснат. Оти преку гревот на Адам дошла смртта, а преку Христовата праведност дошло воскресението. И како што сите умираме во гревот на Адам, така и преку праведноста и божествената моќ на Христа сите ќе оживееме. Според тоа, Христос е темелот на воскресението и на вечниот живот на луѓето.

Драги браќа и сестри,

На денешниот торжествен ден потребно е да дозволиме Христовата воскресна светлина да се пробие во нашите души, да ги облагороди нашите срца и да го осветли нашиот живот. Да се помолиме на Господа, да ни ги прости гревовите, да ја излее Својата семоќна благост врз нас, на нашите деца и на нашите семејствата и во нашите срца да ја утврди верата, љубовта, правдата и милосрдието. Денес е денот, кога треба слободно да пристапиме кон трпезата на радоста, зашто Христос навистина воскресна заради вечна веселба на сите Негови верни и посветени следбеници. Овој ден го создаде Господ за да се радуваме и да се веселиме во него.

Христос воскресна! Навистина воскресна!

МИТРОПОЛИТ ПОВАРДАРСКИ

+ Агатангел (Станковски)

АНКЕТА »

Како да се надмине состојбата со големиот број заразени лица, позитивни на ковид-19?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »