речник контакт

Вистинско име и место на раѓање на Чарли Чаплин и натаму се мистерија

Не е докажано дека тој бил комунист, како што го обвинуваа американсктеи власти кои и заради тоа го протераа

Петар Печков

Вистинското име и местото на раѓање на познатата ѕвезда на немиот филм, Чарли Чаплин, покриено е со вел на мистерија, заклучи британската тајна служба по истрагата на американските тврдења дека Чаплин бил симпатизер на комунистите.

Aмериканската ФБИ во 1952 година побарала од агентите на британскиот МИ5 да го проверат потеклото на Чаплин, за кого се верувало дека користи псевдоним и дека вистинското име му е Израел Торнштајн. Истрагата била побарана заради американските сомневања дека актерот е лeвичар.

Се верува дека Чаплин, една од првите и најголемите ѕвезди во Холивуд, е роден на 16 април 1889 година во јужен Лондон.

Истрагата на британските агенти покажала дека никаде не постојат документи за неговото раѓање, ниту било што би покажало дека бил безбедносен ризик, покажаа денеска објавените документи.

Сето тоа е многу необично, особено по истрагата на МИ5,  датумот и местото на раѓање на толку позната ѕвезда, како што е Чарли Чаплин, да останат непознати, изјави официјалниот историчар на британската тајна служба професор, Кристофер Ендрју.

Документите покажуваат дека никој под името Чарли или Израел не е роден на 16 април, а натамошните истраги поврзани со сомнeвањата дека Чаплин можеби се родил во Франција, исто така, се покажале јалови.

Не можеме да пронајдеме никакви докази дека името на Чаплин навистина било Израел Торнштајн, ниту пак можеме да пронајдеме докази за постоење на таква личност, се наведува во писмата на МИ5 упатени до амбасадата на САД во Лондон.

Не успеавме да откриеме ни дали користи некое друго име.

Ендрју изјави дека новите докази, што се појавиле минатата година, наведуваат на помислата дека Чаплин е роден во черга која припаѓала на жена позната како „циганска кралица“ во централна Англија и дека мајка му била член на т.н. патувачка заедница.

Оваа информација е пронајдена во писмата, кои Чаплин, неколку години пред смртта во 1977 година, ги испратил до Џек Хил, кој тврдел дека сопственик на запрежната кола на неговата тетка.

Иако нема докази дека информацијата на Џек Хил е точна, Чаплин очигледно ја земал за сериозно, затоа што внимателно ја сочувал, во фиоката на својата маса, рече Ендрју.

Во текот на долгогодишната кариера Чаплин често предизвикувал контроверзи со своите филмови како „Големиот диктатор“, во кој се шегувал на сметка на нацистичкиот лидер Адолф Хитлер или „Кралот на Њујорк“, што бил сатира на стравот од комунизам, што во текот на Студената војна ја стегаше Америка.

Од 1920- те, американските власти сметале дека Чаплин ги подржува комунистите, што тој секогаш го демантирал, и кога во 1953 година ги напушти САД не му беше дозволено да се врати, па затоа остатокот од животот го мина во Швајцарија.

Досието на МИ5 во кое се наоѓаат изводите од печатот, писмата на американската амбасада и телеграмата на Чаплин, која му ја испратил советки агент, покажуваат дека британската агенција уште во 1958 година  заклучила дека американските тврдења немаа основа и дека Чаплин не бил агент.

Можеби Чаплин и бил симпатизер на комунистите, но врз основа на информациите што ги имаме побрзо би рекле дека тој бил „прогресивен“ или радикален“, наведен еден од агентите.

Меѓу другите документи кои денеска се објавени се наоѓаат и детали за истрагата на британските служби, поврзани за тројца хемичари наградени со Нобелова награда, вклучувајќи ги Ирена Кири и нејзиниот сопруг, кои биле симпатизери на комунистите.

преземено од Танјуг, Белград

АНКЕТА »

Дали имате доволно време да му посветите на Вашето дете/деца?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »