речник контакт

Владика Агатангел - Велигденско послание

Скапо ни се платени мирот и слободата низ вековите, па затоа да се потрудиме со сите сили да ги сочуваме овие бесценети дарови, негибнати и неизвалкани, и како такви да ги предадеме на нашите деца

Петар Печков

Да се зарадуваме и развеселиме во овој свет и благословен ден, зашто денес го славиме воскреснатиот Господ - Сејачот на семето на животот. Денес, Христовата воскресенска Светлина ја победи темнината и со своите спасоносни зраци го растера мракот на неверието, а со својата моќна рака ја одзеде силата на погубното зло и бесмислата.

Па затоа, да речеме гласно и со радост од длабочината на нашите души, Господи Спасителу наш, ние ги закопавме сите наши неправди, гревови и недоразбирања, и заедно со Тебе воскреснавме како нови, прочистени и просветлени личности и вака придружувани од Твојата воскресенска благодат, духовно променети и преоблечени, подготвни сме да воскреснеме во нов и благословен живот.

Веруваме Господи, со сето наше битие дека и ние, како Твоите Свети апостоли, ќе го победиме стравот и сомнежот и налик на нив ќе станеме самопрегорни проповедници и сведоци на сé она што е добро, чисто и прекрасно во Твоето свето духовно наследство.

Драги браќа и сестри православни Македонци!

Да ги очистиме нашите срца и души за да Го видиме Христа и така удостоени, заедно се ангелите да Го воспеваме, да Му благодариме и да Го славиме Бог Троица и Неговата Света промисла, Кој за секоја душа подготвил катче во Небесното живеалиште. Бистриот поток на новото учење за братството и мирот, за љубовта и правдата, за чистотата и светоста, спасоносно се разлева низ светот и ги напојува човечките души, ги освежува и ги бодри скршените срца, ја воскреснува напуштената и заборавена надеж и го воздигнува и насочува човековиот поглед кон Небесниот престол.

Христос воскресна од мртвите и донесе радост во нашите срца. Настапи нова светлина во душата и се обнови целото човечко битие. Човекот, по Воскресението стана нова твар, започна нов продуховен и обновен живот. Од ова ново битие извираат како реки на жива вода духовните плодови на љубовта, радоста, мирот, долготрпението, добрината, милосрдието, верата, кротоста и воздржувањето.

Драги браќа и сестри!

Во оваа радосна Светиклиментова година, кога го одбележуваме 1100 - годишниот јубилеј од блажениот покој на најголемиот македонски духовен великан Свети Климент, добро е ние православните Македонци, преку лична пожртвуваност и преку личен подвиг да го следиме неговиот свет пример.

Па така преобразени, осветени, просветлени и уподобени на Божествениот Учител - Господ Исус Христос, преку сведоштво со живот, подобно на Св. Климент - Охридскиот просветител и чудотворец, да бидеме современи просветители на македонскиот народ, кому повеќе од било кога му е потребен духовен патоказ за избавување од мракот на неверието, незнаењето и омразата.

Годинава ќе ја одбележиме и 1000-годишницата од смртта на Св. Јован Владимир, кој маченички пострадал во Преспа и од чие житие сите ние како македонски народ и македонско општество можеме да извлечеме поука колку можат да бидат уништувачки себичноста, предавството, братоубиствената војна, раздорите и слугувањето на туѓи интереси.

Да воскресне Бог и да бидат поразени Неговите непријатели, нека изчезне злото, нека престанат поделбите и недоразбирањата меѓу нашиот македонски православен народ. Во овие празнични денови, исполнети со духовна радост и величие да се сплотиме како свет и осветен македонски народ, да си простиме еден на друг, братски и со љубов да си подадеме рака, да воспоставиме нов почеток во нашите животи, втемелен врз мирот и љубовта Христова.

Да му благодариме на Бога за добрините што ни Ги направил, да го благословиме Неговото име, за Него да ги отвориме нашите срца. Скапо ни се платени мирот и слободата низ вековите, па затоа да се потрудиме со сите сили да ги сочуваме овие бесценети дарови, негибнати и неизвалкани, и како такви да ги предадеме на нашите деца, на идните генерации Македонци.

Христос воскресе! Навистина Воскресе!

Христос воскресе! Навистина Воскресе!

Христос воскресе! Навистина Воскресе!

АНКЕТА »

Дали честите акциски контроли на сообраќајната полиција, изминатите два месеци, воведоа ред во однесувањето на возачите и пешаците?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »