речник контакт

Вода за Оризарци и натаму нема, повторно блокиран патот до Чашка

Надлежните тврдат единствено можно решение за летово се зонски рестрикции на вода во населбата

Петар Печков

Жителите на велешката  приградска населба Горно Оризари и овој петок, го блокираа регионалниот пат Велес – Чашка.   Протестот започна од  9  часот и е најавено дека ќе трае до 17ч. попладне. Причината е иста како и пред седум дена, три илјади жители на  населбата месец дена немаат вода.   Или ако ја има тоа било час или два по полноќ. 

Најмногу не` боли  што за толку  денови, никој ама баш никој не дојде, градоначалник, пратеник, директор на ЈКП Дервен,  да не праша како е. Пишуваат соопштенија, најавуваат решавање на проблемот а ништо на терен не се случува. Не игнорираат, како да не постоиме.    Сме трошеле енормно повеќе. Разбирливо дека од јануари сега во јули,  на овие температури повеќе се троши.    Не навредуваат  со изјавите дека се краде. Кој тоа краде вода, дајте го со име и презиме Треба да се знае дека три илјади жители имаше Оризари пред три години, сега сме само 1,5 илјади другото се отсели,  како и  се` младо во државата. Имавме две илјади грла крупен добиток,сега едвај 800. Каде ја трошиме водата, кој ја троши. И пред општина паркот се полева да биде зелен   - велат жителите.  

Лути се што сите информации надлежните ги давале преку  медиуми, не лично со жителите  од Горно Оризари.
Деновиве во населбата дојдоа многу иселени по Европа. Но бргу си отидоа, заминаа во Грција на одмор. Внучето ми вели дедо, веќе не идам, кога нема  вода како да дојдам.  Ниту најавените рестрикции  по зони не дадоа резултат.  Јавноста треба да  знае дека сме редовни плаќачи, со 90 отсто платени редовно сметки вели друг жител на населбата.     
Претседателот на Месната заедница  Исмет Ајдиновиќ најави дека  ако за седум дена не добијат вода, следниот протест нема да го прават на овој регионален пат, и како што рече недолжни граѓани да стојат на сонце со часови, туку ќе ги  блокираат институциите,локалната власт и ЈКП Дервен. 
По некое време на протестот дојдоа и градоначалникот на Велес, Славчо Чадиев,    директорот на ЈКП Дервен  Фиданчо Цековски и  пратеникот во републичкиот собрание Зекир Рамчиловиќ од  ВМРО-ДПМНЕ.

Овој проблем е со години.  Во јуни, јули август иако пумпите работат по 24 часа вода нема.  Со помош на редукции пробавме за сите да добиваат вода, едни ќе  немаат во еден дел   на денот други во друг. Тоа е единственото решение во моментов.   Водоводната мрежа во Оризари вие ја имате градено, ние  ја имаме преземено. Немаме контрола каде има каде нема приклучоци, диви, легални. Затоа е потребно да се изгради нова водоводна мрежа и секој да има легален приклучок. Вода има доволно за водоснабдување но не и за наводнување. За тоа ќе се обратите  до ЈВП Лисиче  – рече пред присутните директорот Цековски.

Градоначалникот додаде дека дополнителен проблем е што летово се јавиле сериозни дефекти на водоводната мрежа.
Суштински проблем е дотурот на вода и  големите дефекти на главната линија Велес- Превалец -  Оризари. Таа е мошне тешко да се отстрани дефект кога ќе се  појави. Кога на едно место цевката пука, се јавуваат и  на други места такви пукнувања. Профилот на цевката е таков и таа не  може да го издржи ова, стара е – објасни  градоначалникот Чадиев.    

Тој заедно со пратеникот Рамчиловиќ најавија дека за во иднина решение е изградба на нова водоводна мрежа, на што присутните рекоа дека дотогаш ,,ќе исцркаат,,  а како краткорочно решение се зонските рестрикции на вода во Горно Оризари.

АНКЕТА »

Дали имате доволно време да му посветите на Вашето дете/деца?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »