речник контакт

Во Градско започна со работа првиот откупен центар за овошје и зеленчук

„Ником“ е сопственост е на Ристе Јанев кој го изградил со сопствени средства од 24 милиони денари, а разладните уреди кои чинат 6,2 милиони денари се набавени со средства од ИПАРД 2 програмата

Петар Печков

Во Градско денес беше предаден во употреба  откупниот центар за овошје и зеленчук „Ником“ корисник на финансиски средства од ИПАРД 2 програмата. Сопственикот Ристе Јанев појасни дека објектот е изграден со сопствени средства во износ од 24 милиони денари, а разладните уреди кои чинат 6,2 милиони денари се набавени со средства од ИПАРД 2 програмата.

Градоначалникот на Општина Градско, Роберт Бешовски посочи дека „Ником" е добар пример за откуп на земјоделски производи, бидејќи за само неколку дена им ги исплаќа средствата на земјоделците за откупените производи. Тој ги повика земјоделците од Градско и околните општини да ги предаваат своите производи во овој откупен центар. На свеченоста  на отворањето на првиот откупен центар во Општина Градско, присуствуваше и вицепремиерот Кочо Анѓушев. 

Тоа е нешто што многу години му недостасува на македонското земјоделство, односно изградба на откупни центри во кои земјоделците ќе може да ги пласираат своите производи и тие организирано понатаму да се продаваат. Тоа е единствен начин како да се подигне производната цена на земјоделските производи и да се заштитат земјоделците. Следен чекор е да се направат преработувачки центри за да не се продаваат земјоделските производи само свежи и разладени, туку и преработени, изјави Анѓушев.

Тој посочи дека е информиран од сопствениците на „Ником" дека веќе завршил откупот на кајсијата и оти е во тек откупот на праската, за која има обезбеден пласман, како и дека веќе им се исплатени средствата на земјоделците за откупеното овошје. „Ником" има 59 вработени, а планираат и можно проширување.

АНКЕТА »

Дали летово планирате да одите на одмор и ако одите каде?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »