речник контакт

Во Скопје марш на мирот

По серијата меѓуетнички инциденти во Скопје и Тетово кога за седум дена беа повредени 20 лица, во Скопје се случи марш на мирот. Граѓаните на Македонија кажаа дека сакаат мир и соживот

Петар Печков

Марш за мир се одржа денеска во Скопје во организација на Граѓанската иницијатива „Заедно за мир“, предводена од Сашо Мацановски - Трендо, Александар Русјаков, Ана Јовковска и Петрит Сарачини.

Присутните граѓани, меѓу кои бројни интелектуалци, уметници, пејачи, членови на четириесетина невладини организации, но и претседателот Ѓорге Иванов и политичари од повеќе политички партии упатија порака за промовирање на соживот и мир. Инцидентите беа јавно осудени со порака за заеднички живот, почитување и разбирање со сите кои живеат на ова тло.

Маршот е инициран како резултат на последните инциденти кои што се случија минатата недела, каде што беа повредени над 20 лица од различна етничка заедница.

- Јас сум од оние коишто сакаат да веруваат дека луѓето сакаат и можат да живеат заедно. И да живееме едни со други, а не едни покрај други, изјави Ана Јовковска, ТВ  водителка.

Режисерот Висар Вишко исто така беше дел од Маршот за мирот. - За прв пат можам да кажам дека интелектуалците од сите заедници се собравме да кажеме една јасна порака, затоа што тоа досега не беше случај. Досега, и пред и после 2001 година повеќето од интелектуалците како да замолчеа, се исплашија, а некои дури и профитираа од тоа“, рече Вишко.

Пораката од Манифестот, кој денеска беше прочитан, е порака за мир. - Моето гледање е следното – да не чекаме да дојде до војна, па да маршираме за мир, да маршираме за мир за да нема војна, апелираше актерката Сабина Ајрула Тозија.

Помасовни и почесто организирани вакви собири може да ги исплаши оние кои иницираат5 инциденти. - Се додека седиме дома и сме помалубројни на вакви собири мислам дека тоа може и да ги охрабрува насилниците, вели Љупчо Бубо Каров од К-15.

Се дефилираше од Градскиот парк, преку бул. „Илинденска“, мостот Гоце Делчев, потоа движење кон Музејот на Холокаустот до Камениот мост - симболот на заедништвото, за потоа преку Градскиот кеј, зад зградата на Владата, и заврши на Школката во Градскиот парк.


Премиерот Никола Груевски го поздрави и го поддржа денешниот Mарш за мир во Скопје што го организираат истакнати личности од македонскиот општствен и културен живот со цел промовирање на мирот, соживотот и почитта едни кон други.

 Тоа е порака до сите оние поединци кои на некој начин сакаат да го нарушат мирот и спокојството на граѓаните дека мнозинството од овој народ како во минатото така и сега и во иднина ќе знае да ги направи сите потребни чекори за да не дозволи на такви поединци и структури да ги реализираат своите идеи  кои не се во правец на зачувување на мирот и спокојството на граѓаните рече премиерот Никола Груевски.

АНКЕТА »

Дали Општина Велес да се задолжи со 46 милиони денари, за да се изгради покриен Градски пазар?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »