речник контакт

Во редица за билети за првата премиера во новиот велешки театар (фото)

Првиот билет го купи Панче Ќурчиев

Петар Печков

Велешани во редица, треперливо чекаа за да купат билети за првата премиера во новиот објект на театарот.  Билетарницата  се отвори во 18 часот а првите заинтересирани беа пред неа половина час порано. Редицата долга десетина метри и стотина  љубители на театарот, сакаа да присуствуваат на историскиот момент. Првиот билет го купи Панче Ќурчиев,  кај велешани познат како Пампикот

Со театарот сум од 1951-ва година, верен гледач, немам пропуштено ниту една претстава. Раснев со него и затоа не жалев време, на овој студ да дојдам и купам влезница - вели Панче.  Тој за постарите актери кои се дел од историјата Терзиев, Гравчев, Ѓоргиев подготвил и мал подарок, кој ќе им го предаде по премиерата.  Заинтересираните не ги поколеба ништо, за да застанат во редица и набават влезница. 

Сакав да бидам дел од  публиката на овој голем момент. Љубител сум на театарот, доаѓам редовно и не сакав да го пропуштам овој миг - рече  Трајче Јанковски. Во редицата имаше и помлада и повозрасна публика кои чекаа во редица,  иако температурата беше ниска. Сите со иста желба, да ја видат претставата ,,Најважната работа на светот,,.

Ова е свечен момент и за театарот и за градот.  Очекувам дека во театарот ќе има подобри услови за работа на актерите, за публиката - рече  Атанас Крлевски  кој во редица чекаше заедно со сопругата. Секој од нив можеше да купи по две влезници, цената на еден билет е 200 денари а имаше за сите три дена, сабота, недела и понеделник.  

Претставата ,,Најважната работа на светот,, е во режија на Љубиша Ѓоргиевски работена по текст на Братислав Димитров а во неа настапува целиот ансамбл на велешки театар, и како гости Благоја Чоревски, Зоран Љутков и Ирена Ристиќ. Со неа свечено, утре сабота во20ч. ќе биде отворена новата зграда на велешкиот театар ,,Јордан Хаџи Константинов Џинот,,. 

АНКЕТА »

Како ќе ја помните годината зад нас, 2019-та?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »