речник контакт

Вранишковски побара и доби одлагање на судскиот процес

Доколку нема правосилна пресуда до 9-ти јули годинава, делото тешко 325 илјади евра, застарува

Петар Печков

  Екс Владиката Јован Вранишкоски купува време и чека да застари обвинението против него, тешко 325 илјади евра. Тој на денешното рочиште во Основниот суд во Велес, кога требаше за започне судскиот процес за  кривичното дело затајување, побара и доби одлагање. Вранишкоски се жалеше дека бил доведен на судење во Велес без да добие покана, па поради подготовка на неговата одбрана,  побара одлагање.

На   мојот клиент не му се достапни материјалите за делото за кое се товари, поради што не е подготвен за претрес. За разлика од претходните рочишта, кога тој доаѓаше и се бранеше, сега ќе излезе со нова одбрана – рече неговиот бранител адвокат Васко Ѓоргиев.

Тој ги отфрла сомнежите дека Вранишкоски чека делото да застари но не кажува кога тоа ќе се случи. Според познавачите на овој предмет, доколку Вранишкоски не добие правосилна пресуда за ова дело, затајување, до 9-ти јули годинава, истото ќе застари. На барањето за одлагање се спротивстави обвинителството, кое смета дека нема ништо ново,  за да може да се бара нов термин за судење.

Околностите на кои се заснова делото се исти, нема ништо променето во обвинението. Згора на тоа обвинетиот Јован во два наврати даде завршен збор за истиот овој предмет, така што барањето не е основано – рече обвинителката Славица Темелковски.

Судската сала каде требаше да започне овој процес беше претесна да ги прими сите заинтересирани, претставниците на МПЦ, од Јовановата ПОА, сведоците и оштетените странки. Меѓу присутните беше и претставник на Амбасадата на Република Србија во Скопје, која беше во друштво на претставниците на ПОА а во својот тефтер уредно ги запиша сите присутни  бројни известувачи од македонските медиуми.

Според обвинението Вранишкоски во периодот 24.06.1998 до 09.07.2002 кога беше владика на МПЦ во три нејзини епархии, Преспанско - Пелагониската, Повардарската и Брегалничката, противправно  присвоил 21 милион денари. Овие пари кои  му биле давани на рака од различни цркви и манастири ги присвоил, со нив купувал луксузни возила кои потоа биле продавани или присвоени од негови блиски луѓе. Претходно за истото дело два пати доби ослободителни пресуди а на третата доби казна завор од 2,5 години и да врати на МПЦ 250 илјади евра.

Истата му беше изречена во отсуство, откако Вранишкоски  во 2009-тата побегна од Македонија. Тој неочекувано се врати  на 12 декември лани, неколку дена пред последната пресуда да биде правосилна, по што доби ново судење а тој се наоѓа во притвор во Шутка.

АНКЕТА »

Дали учениците од 1-ви септември треба да тргнат на настава во училиште?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »