речник контакт

В сабота спроти недела спиеме еден час повеќе

Се менува од летно во зимско сметање на времето

Петар Печков

Зимското сметање на времето почнува в недела на 27 октомври, со поместување на стрелките на часовниците за еден час наназад, со што три часот по полноќ ќе се смета како два часот.

Преминот од летно кон зимско време прв пат е забележано во 1916 година во земјите во северна Европа, а досега е воведено во околу 70 држави, претежно на северната хемисфера. На 21 мај 1916 година Велика Британија, следејќи го примерот на Германија прв пат го воведува летното сметање на времето.

Отпрвин договорот бил часовниците да се поместуваат по 20 минути во текот на четири последователни недели, односно вкупно 80 минути. Причината била, исто како и денес, повеќе да се искористи сончевата светлина во текот на приквечерието, а помалку светлина да остане неискористена во текот на утрото, но сето тоа да не биде многу драстично.

Поместувањето на сказалките во Западна Европа воведено е на почетокот на ’70-те години од минатиот век, со образложение дека со тоа се продолжува денот, се овозможува заштеда на потрошувачката на електрична енергија, се зголемува продуктивноста, се подобрува прилагодувањето на луѓето и работниот ден е поефикасен.

Во Европа во 1996 година постигнат е договор од зимско кон летно сметање на времето да се преминува во последната недела од март, точно во 01:00 часот наутро според универзално време, односно во 02:00 часот според средноевропско време. Европската унија и останатите земји во Европа од 2002 година одредија летното време да почнува последната недела од март и да завршува последната недела од октомври.

Поместувањето на времето во повеќето случаи се врши ноќта меѓу сабота и недела, со цел да не предизвика поголеми проблеми за работното население.

Исланд е единствената европска земја, која не го воведе зимското и летното сметање на времето.

Од 2007 Американците го сменија начинот на кој го сметаат времето, односно почетокот и крајот на летното сметање на времето, така што сега тие ги менуваат часовниците вториот викенд од март и првиот викенд во ноември.

На јужната хемисфера почетокот и крајот на летното време е спротивен во однос на северната. Повеќето од земјите на екваторијалниот појас воопшто не го менуваат времето, бидејќи таму и не се чувствува многу промената на должината на денот и ноќта во текот на годината.


Некои астрономи меѓутоа се против поместувањето и вештачкото продолжување на денот, бидејќи сметаат дека „природата не треба да се измачува“, дури и доколку како оправдување се користат економските причини.

АНКЕТА »

Дали учениците од 1-ви септември треба да тргнат на настава во училиште?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »