речник контакт

Гаснеа и вистински и лажни пожари

Противпожарнито воз на МЖ замина на одмор, до година на лето.

Петар Печков

Противпожарниот воз за оваа година замина во депо, откако цело лето ги гаснеше пожарите покрај македонските пруги. Дваесетината железничари, кои стотина дена беа пожарникари, се вратија на нивните редовни работни задачи а вагоните овој период ќе бидат поправани и реновирани за следната сезона. Бројките покажуваат дека овој наменски воз годинава имал дваесетина интервенции, но и неколку лажни повици. Четири интервенции биле  и и критични, кога гореле и праговите од пругата, а безбедноста на патниците доведена во прашање.

Најтешка задача имавме на крајот од август, ноќта на 28 август кога во селото Слепче, во близина на Гостиражни, на пругата Богомила – Прилеп изгореа 250 прага. Беше пеколно тешко, бидејќи тоа се тешки, масивни дрва,  тешко се палат а уште потешко се гасат. Цела ноќ работевме за да го изгасиме огнот  и успеавме некако утрото во 5 часот. За жал немавме помош од селаните, кои немо ја гледаа нашата интервенција. Морам да ги пофалиме колегите кои несебично  и пожртвувано учествуваа во гасењето на пожарот – велат од ЈП МЖ Инфраструктура.

  Поради сериозното оштетување на овој дел до пругата, таму сега се вози со ограничена брзина од 40км на час. Но не само тука, жешко било и на железничката станица во Градско, каде од високите температури се самозапалиле 40 прага. Слично било и на железничката станица Згрополци, каде имало голем пожар. Тешка задача железничарите пожарникари имале и на 22 јули, кога пламна голем пожар во близината на станицата Рајко Жинзифов, на пругата Скопје – Велес, кој потоа го зафати блискиот рид и стигна без малку до Велес. Возот мораше да го гасне огнот покрај пругата, но и да помага на другите кои учествуваа во негово локализирање, на површина од педесетина хектари а во должина од 10 км.

За овој случај бевме неоправдано посочени дека сме предизвикувачи на пожарот, поради наводно искрење. Како е можно да се јави искрење, кога во тој дел од пругата е угорнина, а на неа не се кочи туку се забрзува. Слично беше и со пожарите во септември кај Орешка чука, кога повторно со прст вперија кон нас. А возот одеше кон Богомила, по угорница, како тогаш да се јават искри, кога нема кочење – велат од ЈП МЖ Инфраструктура.

Tие годинава за стотина дена активна работа имале дваесетина интервенции, но и неколку лажни повици. Во повеќе други случаи имале и дотур на вода до учесниците кои гаснеле пожар, во близина на пругата, бидејќи вагоните имаат можност да препумпуваат вода во противпожарните возила. Противпожарниот воз, кој беше лоциран на Железничката станица во Велес, ја покриваше територијата на цела Македонија, пругите кон Кичево, Табановце, Кочани, Гевгелија и Битола. Немал ниту една интервенција во правец кон Кичево и Табановце, сите биле кон Гевгелија, Битола и Кочани

Споредбено со другите години, оваа е вообичаена бројка на интервенции, единствено 2007-та беше далеку над просекот, беше тоа пеколно лето. Како и кај пожарникарите и кај нас имаше неодговорни граѓани, кој од за нас неразбирливи причини, пријавуваа лажни пожари покрај пругата. А да знаат колку е скапо тргнувањето на еден ваков воз – велат од ЈП МЖ Инфраструктура.

Противпожарниот воз дежураше 24 часа од 15 јуни до 30 септември и има капацитет од 50 тони вода. До следната година тој ќе биде во депо во Скопје, а ќе се извршат и неопходните поправки на вагоните, за да може подготвен да ја пречека наредната сезона.

АНКЕТА »

Дали Општина Велес да се задолжи со 46 милиони денари, за да се изгради покриен Градски пазар?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »