речник контакт

Гемиџиите го освоија Вардар

Од први до четврти јули 50-тина велешани со еден сплав и пет чамци, ги минаа 140-те км за 26 часа, и пловеа од Велес до Гевгелија

Петар Печков

Како и пред 150 години така изминатите четири дена по реката Вардар пловеше гемијата, сплав со кој велешките трговци ја носеа нивната стока, афион, тутун, кожа,  до Солун и оттаму потоа ја продаваа во Европа. Обновена по 17 години пауза, од четвртокот до неделата пловеше Вардарската регата ,,Гемиџии,, со која  педесетина велешани  се пуштија со гемијата , пет гумени чамци и неколку кајаци од Велес до Гевгелија, по надојдениот и по ладени води на Вардар.

Ова се покажа како предност бидејќи пловилата лесно можеа да ги совладуваат   бројните водените пречки, кои непредвидливата река ги носи. Тоа го потврдуваат искусните кајакари кои со леснотија го насочуваа гумените чамци во водените брзаци.

Карактеристика на овогодишната регата е  високиот водостој на Вардар за овој е период од годината, што ни овозможи на сите три крајни одредишта, Стоби, Демир Капија и Миравци стигнеме многу порано од предвиденото време. На претходните регати ние пловевме каде имаше вода, на мал простор обраснат со дрвја и се случуваа бројни проблеми и несреќи поради нискиот водостој, сега е многу полесно и брзо патувањето, бидејќи Вардар беше пловен во целата должина – изјави Себо Шаќиров некогашен кајакар кој ги има испловено сите досегашни регати.

Во неговите раце и на неговите десетина  искусни  колеги,   веслото ја припитомуваше реката и чамците пловеа брзо и сигурно.  А Вардар како магнет го привлече и најстариот учесник 63 годишниот пензионер Кочо Јованов, исто така учесник на сите досегашни регати .

Кога во 1983-тата тргнувавме беше ѓаволски тешко да се организира оваа работа, за потоа да стане вистински хит меѓу велешани. Таа е нешто невообичаено и за Велес и Македонија и мора да се негува. Ме радува што видов дека се обновува по толку години пауза и веднаш се пријавив. Убаво е што има комбинација од искусни ,,гемиџии,, и нови кои треба да ја продолжат и учат од нив, бидејќи регатата е гордост на земјава. Се додека ме служи здравјето ќе учествувам   - вели Јованов кој беше во ист чамец со шеснаесет годишниот Александар Наумов  кој беше најмладиот учесник.

Највозбудливиот дел од регатата секако е Демиркаписката клисура, каде реката е најбрза и требаше многу умешност брзаците да се совладаат а чамците да останат негибнати, суви не, но останаа на површината со намокрена опрема и облека од високите бранови. Чувството на човековата надмоќ тука е релативна категорија бидејќи огромните надвисната карпи, високи до 900 метри ја покажуваат нашата маленкост. Величенственото чувство кога се плови во кањонот го надополнуваат и белоглавите орли кои летаат високи во небото, барајќи го дневниот оброк.

Овој дел од Вардар е најпривлечниот и највозбудливиот, ова можам да го потврдам бидејќи имам како извидник поречанин пловено и по Сутјеска, Тара. Оваа убавина можеме и мораме да им ја доловиме и на странските  туристи кои плаќаат за да видат вакви предели -   изјави Христо Таки Динковски.  Учесниците во регатата не можеа многу да се капат во реката Вардар бидејќи освен што таа беше ладна, невообичаено за летниот период беше и матна. Додека пловевме во пределите на Повардарието често имаше невреме со громови, за потоа надојдените притоки ја обојуваа неговата боја од бела, преку жолта до црвеникава.  Старите кајакари објаснуваат и која боја од која притока е,  Пчиња и Црна  носат темна додека Брегалница светла нијанса на бојата на Вардар.

Тие го посочуваат и примерот со огромната експлоатација на реката, што придонесува таа да го менува текот и д а освојува нови површини а во долниот тек, на валандовско - гевгелиската котлина да биде широка како големите европски реки, но и плитка едвај половија метро. Но токму тука , пред целта, на пет метри од пристигнувањето во Гевгелија се случи единствениот инцидент во текот на сите 140 км, кога сплавот на кој беа градоначалникот на Велес Горан Петров и претседавачот на Советот Славчо Чадиев, се преврте, откако закачи на подводна шина, заостаната од некогашен мост.

Но се заврши само со нивно бесплатно капење, дури и бројните подароци кои беа на гемијата, керамичките велешки стомни и буренцата со вино,  останаа здрави. Тоа беше единствената интервенција на спасителите на Црвен крст, кои ја обезбедуваа регатата. Докторот Горан Јовиќ, кој шест пати е учесник на регатата со задоволство потврди дека ова е првата на која  имаше само една интервенција, што зборува дека безбедноста беше на високи ниво.

Под мостот кај Гевгелија беше и целта  на четиридневното водно патување, прво во Македонија по седумнаесетина години. Тука е и границата, крајот на годинешното патување, но организаторот се надева дека до година регатата ќе биде меѓународна и ќе заврши до Солун, до каде што своевремено  пловеле велешките трговци. Но затоа со венец од цвеќе испратен по Вардар беше испратен и поздравот до соседите како подадена рака за соработка.

Регатата ги исполни очекувањата, негување на традицијата и историјата на македонскиот народ, пренесување на културните вредности на помладите генерации, поврзување на општините од Вардарскиот плански  регион, промовирање на реката  Вардар како можност за меѓусебна соработка и промовирање на здрава животна средина и создавање на навики за нејзино чување –изјави капетанот на регатата  Зоран Ѓуровски. Вардар после многу години беше повторно скротен и освоен од ,,гемиџиите,, како од  нивните предци, некогаш пред век и половина, а 140-те км беа извеслани ефективно за  26 часа.

АНКЕТА »

Велес е еден од малкуте градови во Македонија, кои немаат пешачка зона во центарот на градот. Дали сте за улица 8-ми септември од Сармаале до споменикот на Илинденците да биде затворена за сообраќај а тој дел пешачка зона?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »