речник контакт

Граѓаните уплашени, надлежните смируваат, откако за три дена во Велес има 18 случаи на позитивни со ковид-19

На терен се екипите на Центарот за јавно здравје, санитарниот инспекторат по што ќе биде познато од кој кластер потекнуваат новозаразените -вели министерот Филипче

Петар Печков

Граѓаните стравуваат, надлежните смируваат откако  во Велес за три дена се регистрираа нови  18 случаи на корона вирусот.  Во вторникот имаше четири случаи, вчера пет и денес девет позитивни на КОВИД-19, додека на Први мај шест случаи.  Така за една седмица, бројката на заразени со корана вирусот осетно се зголеми. 

Повеќето од регистрираните случаи се поврзани со вработени во текстилна конфекција и нивни блиски. Реакциите на јавноста во градот  се дека и покрај предупредувањата на вработени оти  имаат симптоми,  биле приморани да одат на работа, се додека не ги добијат резултатите од земените брисеви.

Оваа реакција која излезе во медиумите, од раководството на конфекцијата ја демантираат. На  денешната  прес конференција министерот за здравство Венко Филипче  кажа дека засега не е идентификуван кластерот кој во Велес осетно го зголеми бројот на заразени.  

На добар пат сме да го идентификуваме кластерот. На терен се екипите на Центарот за јавно здравје, санитарниот инспекторат.  Очекувам дека утре ќе имаме поточни информации -изјави министерот Филипче.  

Така денес во Велес има 43 активни случаи, а досега вкупно заболени се 96 лица.  Освен во Велес, позитивни со КОВИД 19 се регистрирани и во населбата Чашка, засега четири случаи. Меѓу нив и возачот кои ги превезувал на работа и назад вработените, поради што се стравува дека бројот на заразени ќе се зголемува. 

Во Велес има зголемен број на заболени, не можеме да прецизираме од овој или оној дел, туку секаде, целата територија е контаминирана - изјави епидемиологот д-р Билјана Трајкова. 

Смирувачка порака од денешната седница на Општинскиот кризен штаб упати и градоначалникот Аце Коцевски.  

Десетина ново заразени се од конфекцијата, од саботата таа не работи, освен 15-тина лица во администрација. До граѓаните упатувам апел, дека и покрај тоа што бројот на заболени се зголемува, нема место за паника и за вознемиреност. Епидемиолозите од Центарот за јавно здравје точно знаат од каде потекнува заразата освен за два случаи.  Сограѓаните нека се придржуваат до мерките, нека не ги лаже убавото време, нека носат маски и држат растојание и не се групираат повеќе од двајца  - рече Коцевски.   

Зголемениот број на лица позитивни на КОВИД-19, предизвика и зголемување на бројот на лица во изолација. Според СВР Велес вчера  35 лица од велешко добиле решение за изолација  и сега се вкупно 110 а ден претходно  беа 75 лица. 

АНКЕТА »

Дали летово планирате да одите на одмор и ако одите каде?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »