речник контакт

Дали го дизајнирал „Чупа чупс“, а крокодилот на „Лакост“ настанал од облог

Препознатливи обележја и нивната историја. За Најк, за Ферари, Епл, Тоблероне... Зад добро познатите логоа има многу интересни приказни, симболи и скриени пораки.

Петар Печков

Логото на некоја компанија е нешто за кое не се размислува многу, туку се зема здраво за готово. Ефектни и квалитетни ги нарекуваме тие што едноставно станале синоними за брендот што го претставуваат и кои луѓето можат да ги препознаат штом ги видат. Сепак, зад добро познатите логоа има многу интересни приказни, симболи и скриени пораки.

Една од нив е поврзана за најпознатото лого, тоа на компанијата „Најк“, која посветува огромно внимание на промоција и има вложено милиони долари во својот углед. Логично е во овој симбол, кој денес може да се види на секое ќоше, да биле вложени многу пари. Но, овој генијален дизајн го направила апсолутно непозната студентка по дизајн на Универзитетот во Портланд. Kеролин Дејвидсон за услугата на „Најк“ ~ наплатила само 35 американски долари. Сепак, нејзината приказна има среќен крај. Kога успеал проектот и станал светски познат, основачот на компанијата Фил Најт во знак на благодарност, ~ подарил 500 акции на „Најк“, кои денес вредат 643.000 долари.

Знакот на „Најк“ купен за 35 долари

Уште еден случај во кој компанијата речиси бесплатно го добила своето познато лого е тој на „Лакост“. Основачот на оваа компанија, францускиот тенисер Рене Лакост, логото го „добил“ на основа на еден изгубен спортски облог. Имено, додека шетал со соиграч од француската репрезентација, во излогот на една продавница видел торба од крокодилска кожа и рекол дека мора да му ја купи ако победи на следниот натпревар. Тој натпревар не го добил, но приказната се проширила во весниците, а некој новинар напишал: „Рене Лакост не успеа да победи и да заработи торба од крокодилска кожа, но затоа се бореше како вистински крокодил“. Така набрзо го добил прекарот Kрокодил. Неговиот пријател Роберт Џорџ набрзо потоа на шега му нацртал крокодил со отворена уста на маицата, а еве 81 година по таа случка, најпознатата влечуга на сите времиња е врзана за брендот „Лакост“.

Брендовите често го менуваат дизајнот на своето лого за да се приспособат на пазарот и тоа главно во правец на поедноставување на дизајнот. Тоа го направила и компанијата „Старбакс“.

Неколку теории за ист знак

Тие неколкупати го менувале логото пред да дојдат до сегашниот изглед. Но, има и компании што се доследни на своето првобитно лого. Имено, шпанскиот произведувач на лижавчињата „Чупа чупс“ не променил ниту најмал детаљ на логото од 1969 година, кога првпат било дизајнирано. Негов дизајнер е познатиот Салвадор Дали. Интересна е и приказната на „Епл“, која за свој симбол во 1976 година го избрала јаболкото. Постојат разни теории зошто Стив Џобс го одбрал токму ова овошје. Една вели дека тоа е поради јаболкото што паднало на главата на Исак Њутн кога ја открил гравитацијата, а друга вели дека е поврзано со библиската приказна за Адам и Ева во која змија ја наговорила Ева да гризне јаболко од дрвото на знаењето. Постојат и други приказни како таа дека тоа е во знак на познатиот британски научник Алан Тјуринг, кој се смета за татко на модерната компјутерска наука. Тој бил осуден зашто јавно признал дека е хомосексуалец, а казната била експериментална хемиска кастрација. Две години подоцна тој извршил самоубиство, така што гризнал јаболко со цијанид. „Епл“ ја овековечи таа случка во логото кое беше активно до 1998 година - гризнато јаболко со боите на виножитото.

Kоњот на „Ферари“ од воен авион

Едно од најпознатите обележја на сите времиња, коњот на „Ферари“, прв пат се појавило на борбените авиони што ги управувал Франческо Барака за време на Првата светска војна. Енцо Ферари во 1923 година, по една трка, се запознал со родителите на Барака. Тие му предложиле за среќа и во спомен на нивниот син херој, кој загинал при крајот на војната да го додаде коњот на својот тркачки автомобил.

Скриени значења

За особено интересни се сметаат логоата што имаат скриено значење. Таков е симболот на чоколадите „тоблероне“ кои доаѓаат од Берн. На планината на сликата има мечка која е симбол на главниот град на Швајцарија.

АНКЕТА »

Како да се надмине состојбата со големиот број заразени лица, позитивни на ковид-19?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »