речник контакт

Два часа блокада на железничкиот сообраќај

Вработените од Колска си ги бараат шестте неисплатени плати

Петар Печков

120 вработени од Фабриката за шински возила го сопреа патничкиот сообраќај на железничка станица Велес
Железничкиот сообраќај во  Македонија,  утрово два  часа  беше блокиран.

Причина е  што  вработените од Фабриката за шински возила ,,Колска,, од  Велес  протестираа за половина година неисплатени плати.  Тие во повеќе наврати предупредуваа за проблемот со кои се судруваат а денес состојбата се радикализираше.

 Повеќе немаме трпение  за да чекаме плати. Бараме од директорот на МЖ  Игор Коруновски, парите кои ги заработивме со поправка на патнички и товарни вагони да ни се исплатени. Тоа се околу 6,5 милиони денари,  доволно за една плата и пол.    Парите  кои  Владата ги должи, од  Министерство за финансии ни  кажаа дека  биле уплатени на сметка на МЖ, тие не ни ги префалат. Пред некој ден железница  земаа пари за мај, може токму овие пари се   потрошени за   нивни плати.   Имаме блокада на сметката – рече Слободан  Димитриевски, претседател на синдикалната  организација в о ,,Колска,,. 

Тој и колегите изминатите два месеци се во потрага по решение на  состојбата во фабриката, оти директорот  Борис Алчев   си поднел оставка пред  два  месеци. Блокадата на  железничкиот сообраќај, денес траеше два часа, од утре ќе се зголемува   по еден час повеќе. 

Остваривме средба со премиерот Заев,  со министерот Сугаревски минатата седмица.  Парите кои Владата ги должи  ги исплатија, ама не стасаа до нас, вработените. Десет дена потоа не е исплатен  ниту денар – додава Димитриевски.    

Годинава   120-те  вработени имале добиено само 5 илјади денари,  дел од јануарската  плата, ништо друго.  Поради тоа вработените се жалат дека не можат да одат на лекар, не можат да се лекуваат, имаат долгови за сметки.  Фабриката која лани  одбележа еден век постоење врши  поправка, сервисирање  и ремонт  на патничките и товарни вагони на Македонски железници, на што  се задолжени  со Правилник, кој се поретко се применува. 

Додека траеше блокадата на железничката станица во Велес се најдоа дури пет патнички воза, два за Битола,два за Скопје и експресот за Солун, кој на Железничка станица во Велес стигна со 2,5 часа задоцнување. 

Дел од патниците кои имаа итна работа побараа автобуски превоз,  додека  останати  иако негодуваа, чекаа да биде прекината блокадата и во 9 часот, возовите беа пуштени да сообраќаат.  

Во овие 120 минути  блокада, на железничка станица во Велес  имаше бројни вработени во Македонски  железници и на прашањето дали нешто раководството презема за решавање  на застојот, тие  гласно  коментираа ,,Ништо, чекаат да бидат разрешени,,.

АНКЕТА »

Дали летово планирате да одите на одмор и ако одите каде?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »