речник контакт

Две лица повратници од странство, кои требало да бидат во државен карантин, позитивни на ковид-19

Лицата кои се вратиле со авионот од Брисел, се хоспитализирани на Инфективното одделение при велешката болница

Петар Печков

Две лица кои  се вратиле од странство и требало да престојуваат  во државен карантин, во велешкиот хотел „Монтенегро“ биле позитиви на ковид-19. Оваа информација ја потврди Тони Димитриевски, директорот на велешкиот Центар за Јавно здравје. Портпаролот на велешката Болница д-р Весна Николовска Неделковска кажа дека овие два пациенти се хоспитализирани  на Инфективното  одделение.  Двете  заболени лица биле дел од патниците, македонски државјани, кои во Скопје неодамна  стигнале со авион од Брисел. Групата броела 78 лица. 

Вечерта по пристигнувањето,  дежурниот лекар кој што го обезбедува државниот карантин во Хотел Монтенегро во Велес при прегледот констатирал дека еден повратник има покачена телесна температура и сува кашлица, додека други двајца се пожалиле на сува кашлица и малаксаност. Побарана е асистенција од Службата за Итна медицинска помош при што со медицинска екипа целосно облечена во лична заштитна опрема за сомнителни случаи и специјализирано возило за транспорт на сомнителни случаи, извршен е транспорт на тројцата повратници до Инфективното одделение при ЈЗУ Општа болница - Велес, каде што се примени на болничко лекување - соопшти д-р Страхил Тодоров, портпарол  на Итната помош при ЈЗУ Здравствен дом Велес. 

На трите лица им биле земени брисеви, а кај две резултатите биле позитивни, по што останале згрижени  во ова одделение. Ова се први случаи на лица позитивни на КОВИД-19, од повеќе од три илјади лица, македонски државјани кои се вратија во земјава. 

АНКЕТА »

Дали состојбата со ковид-19, го промени начинот на живот кај Вас?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »