речник контакт

Дејвид од Шкотска дојде да живее во Велес и работи во Брако

Однесувањето на луѓето од Шкотска и тука е многу слично, дружељубиви се, пријателски се настроени, помагаат, се што можат ќе сторат за вас - вели Дејвид

Петар Печков

Шкотланѓанецот Дејвид Меккалох  година и половина е времен жител на Велес. Откако дојде од родната Шкотска да работи како контролор на производство во велешки Брако. 

Наместо родното Фалкирк место со 40-тина илјади жители, тој е жител на Велес, град со приближно ист број граѓани.   Ладниот север на Европа, го замени со топлиот и темпераментен југ, каде животот е сосема различен од родната Шкотска.

Луѓето се многу добри, храната исто така, да не го заборавам пивото. Уживам овде.  За прв пат дојдов во 2017-та, пет месеци, но иако кратко, ме освои и пак се вратив. Македонија е иста како што беше Шкотска кога бев млад  - вели  Дејвид. 

Фирмата во која работел, одлучила дел од производството да се префрли во велешката фабрика а Дејвид дошол да види како сето тоа ќе се работи во стартот, па си замина. Во Брако се јавила потреба за тоа работно место, контролор на производство, распишале конкурс, а Дејвид, преку пријателствата кои ги остварил тука, дознал, конкурирал и токму тој бил примен.

Така продолжува неговата врска со Велес, која и денес трае.  Вели дека нема многу време да ги запознае неговите знаменитости, места и маала. Кругот на пријатели е тесно поврзан со колегите од работа, со нив излегува, се дружи, ги споделува моментите.  

Однесувањето на луѓето од Шкотска и тука е многу слично, дружељубиви се , пријателски се настроени, помагаат, се што можат ќе сторат за вас.  Сакам да излегувам навечер, кога ќе видам дека во кафеаните, во локалите  во 9 , 10 часот е полно, со многу народ.  Тука луѓето повеќе уживаат отколку во Шкотска. Можеш да најдеш посетители во кафена и среде недела, секој ден, што кај нас е невозможно, освен во сабота. Луѓето се многу културни. Кај нас е многу врнежливо, тука е сончево“  - објаснува  Дејвид.

Кругот на пријатели му го определува и познавањето на јазикот, и затоа се труди да го научи македонскиот. Надвор од Велес, ги посетил Скопје, Куманово, Штип, Гевгелија, се уште не го посетил Охрид, но планира. Посакувал тоа да се случи овој продолжен викенд, но поради состојбата со полицискиот час, се решил да остане дома. Живее во населбата Дурутовец, која важи за најчиста еколошка, каде има бројни куќи со дворни места, но и одгледуваат и градинарски култури.

Дурутовец го одбрав поради чистотата и хигиената. Имам и градина, но немам време да ја работам. Знам дека во населбата многу се одгледува  млад кромид и таа овој период мириса на него - додава соговорникот.

Тој дошол во Велес со куче домашен љубимец, кое неодамна починало и сега е сам. Има и хоби, фотографирање, кое поради обврските не може да го применува  во Велес.  Од локалните специјалитети ја знае и ја вкусил питата пастрмалија, македонскиот ајвар, за кои без размислување кажа дека се одлични и многу вкусни, при тоа додавајќи дека одлична е и ракијата.

Иако Шкотите се познати како консументи на пиво, тој се воодушеви од домашната ракија. Дополнува дека во Шкотска има многу поголем избор на пива, додека тука е помал.  На темата фудбал кажа дека е фан на Глазгов Ренџерс, но дека не е многу чест посетител и поддржувач   на стадионите, ни таму ни тука, не е типичен пример на Шкотланѓанец запален за фудбал.   За крај тој откри дека негова желба е да остане во Велес и тука да живее.

АНКЕТА »

Дали летово планирате да одите на одмор и ако одите каде?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »