речник контакт

Документарни филмови во Младински

Од сабота до понеделник во Амфитеатарот од Младински ќе бидат прикажани 10 документaрни филмови од македонско производство

Петар Печков

Филмскиот фонд на Република Македонија во соработка со НУЦК „Јордан Х. К. Џинот“ Велес , од 22-24  јуни со почеток во 20.30 часот во Амфитеатарот во Младинсиот парк  организира циклус проекции на Македонски документарни филмови , под наслов „Денови на Македонски документарен филм“. Првиот ден, 22 Јуни (Сабота), ќе бидат прикажани 4 филмови , и тоа: „ Tрагачи по звукот“ , „ Чедо“ , „Корен“ и „ Далеку од дома“. Во Недела ќе бидат прикажани филмовите „ Шнајдерките“ , „ Нашите во Стамбол“ и „Луѓе без земја“ , а ревијата ќе заврши во понеделник со проекција на филмовите  „Плати и жени“ „Волшебниот рид“ и  „Шарски зраци“.

Кратка содржина на филмовите:

Tрагачи по звукот: траење 28 минути

Од ретките парчиња дрво во куќата на велешки мегдан близу црквата Свети Пантелејмон, уметникот Светозар Богданоски прави виолини со кои се свири во познати концертни сали во Европа. На единствениот виолинар во Македонија Светозар Богданоски, со чии виолини се продаваат низ цела Европа, во работата му помагаат неговата сопруга Марија, професорка по виолина, и сликарката Татјана. Во тишината и спокојството на нивната работилница сместена во долниот спрат од нивната семејна куќа постојано се слуша длабењето и стружењето по јаворовото и смрековот дрво. Звукот на алатот кој е од јапонски мајстори на самурајски мечеви допира и до оптегнатите жици на тазе сработените виолини. Тие стојат обесени на еден шкаф и го чекаат Костадин, синот на Светозар и Марија, кој веќе 5 години е концерт- мајстор во Големиот театар Лидеу во Барселона, Шпанија. Свири виолина на Големата сцена, изработена токму од неговиот татко во мистичната Велешка работилница. Светозар никогаш не заминал од Велес и ретко ја напушта својата работилница, и никогаш не ја имал можноста да го слушне звукот на неговите инструменти во концертна сала, ниту пак го слушнал синот како свири на една од неговите виолини во оркестарот. „Трагачи по звукот“ е музички документарен филм за врската помеѓу татко и син, нивната заедничка страст кон виолината, нејзиниот звук и моќта на музиката. Филмот ја документира личната приказна на Македонскиот Страдивариус во Велес, Светозар Богданоски, единствениот виолинар во Македонија и неговиот син, Костадин, концерт- мајстор во Големиот театар Лидеу во Барселона, Шпанија, кој единствено свири на виолини изработени од рацете на неговиот татко.


Плати и жени траење 76 минути
Марко и Атанас се двајца другари чии што животи би биле скоро идеални доколку немаат проблем со нивните лични документи. Имаат потреба од Европски пасоши и за да ги добијат спремни се да направат се па дури и да купат жена. Храбро и со 7.000 евра тргнуваат на пат да ја пронајдат жената од своите сништа, онаа која ќе им овозможи добивање на статус азилант и од која подоцна ќе можат да се разведат. Одисејата која ја поминуваат низ Виенскиот имигрантски пеколен живот за да ја добијат т.н. Зелена карта ја дава вистинската слика за се она што треба да се направи за да се прескокнат границите на утврдената Европа.

Волшебниот рид траење 22 минути
„Волшебниот рид“ е документарен филм кој со виртуелно патување ја раскажува приказната за исконскиот град Охрид и локалитетот Плаошник. Археолошките истражувања на просторот укажуваат на тоа дека Охрид бил стар крстопат на разни култури и народи. Спојувањето на различните цивилизации и религии од сите периоди, од праисторијата, па преку античкиот и ранохристијанскиот период и за време Османлиската империја, условува создавање на духовна врска која има вертикална претстава на светост. Затоа, оваа област се смета за историски космополитски простор кој ги спојува духовните цивилизации и религии. Особено внимание во овој филм е посветено на македонскиот светител и просветител Свети Климент.

Шарски зраци  траење 49 минути
Документарниот филм има описен карактер и има за цел да ги промовира природните убавини и вредности на шарпланинскиот дел во Македонија.

Чедо траење 45 минути
Документарниот филм „Чедо“ е една трогателна драма која се базира врз судбината на едно дете од мешан брак помеѓу Австралијанка и Македонец. Тоа впрочем е дел од судбината на голем број деца во услови на големи светски миграции.

Шнајдерките траење 30 минути
Ова е приказна за шнајдерките во малиот град Штип во Македонија. Шнајдерките во Македонија се како Пепелашка во глобализираниот свет. Tекстилната индустрија во овој град е во процут. Шнајдерките на работното место работат со лојални клиенти како Бенетон, Версаче, H & M, тие го прават тоа подобро и од кинеската конкуренција. Една шнајдерка мора да шие 120 кошули дневно. Ако таа сака да купи една од кошулите кои ги шие во Бенетон, таа ќе мора да работи напорно цел месец. Постои целосна вработеност кај жените од Штип, но мажите се невработени. Во „Шнајдерките“ се покажува женскиот поглед кон последиците од глобализацијата во една земја која се уште нема "нови мажи".

Нашите во Стамбол траење 30 минути
Филмот „Нашите во Стамбол“ е филм за граѓаните на Истанбул, кои се петта генерација родени во овој град. Како странски работници, нивните предци од Македонија се преселени во Истанбул во 19-от или почетокот на 20-от век. Православни според религија, тие ги почитуваат нивните празници во повеќе сакрални објекти кои се уште се користат во овој град за таа намена. Членовите на оваа колонија, главно од Егејскиот дел на Македонија, и припаѓаат на една мала заедница на ретки, вистински, долгогодишни граѓани на поранешната метропола на Отоманската империја, на големиот (повеќе милиониски) град Истанбул.

.Луѓе без земја траење 66 минути
Многу од луѓето кои се бореле во отпорот против германската окупација на Грција во граѓанската војна биле прогонувани со децении потоа без разлика на нивната политичка определеност. Од неодамна овие луѓе се почувствуваа слободни да ја раскажат својата приказна.“Луѓе без земја“ е документарен филм за луѓето кои живеат во Северна Грција во текот на Граѓанската војна во Грција. Преку приказната на хероината Вера Фотева за нејзиниот живот влегуваме во ужасните судбини во животите на многу војници, нивната борба за слобода и идеали во период кога се се менува во еден миг.

АНКЕТА »

Како да се надмине состојбата со големиот број заразени лица, позитивни на ковид-19?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »