речник контакт

До темел изгоре куќата на семејството Давчевски (фото)

Во саботата претпладне околу 9 часот целосно изгоре куќата на семејството Велибор и Ленче Давчевски во населба Керамидна

Петар Печков

Седум членото семејство Давчевски од  Велес остана без куќата, која со години ја граделе, откако огнот  ја уништи до темел. Пожарот се случил на улица  Наце Димов во објект  бр. 62  во 9,05 часот. Ден по пожарот, во дворот купишта изгорени греди, покуќнина, апарати и облека. Среќна околност е што се спасени четирите малолетни деца, кои утрото кога огнот пламнал, спиеле.   Тина, Сара, Стефан, биле спасени од соседот Благојче, додека  Ивона која е бебе, ја спасила мајката Ленче.

Дојдов веднаш што слушнав дека куќата се запалила. Втрчав во неа и ги извадив трите деца кои се`уште спиеја. Ленче најмалата  ќерка ја држеше в раце и таа избега. Кога бевме надвор, на сигурно, видов дека таванот веќе гореше а од густ дим ништо не се гледаше. Ако дојдов нешто подоцна, некоја минута не ќе можев да ги спасам децата, толку чад имаше, ништо не се гледаше – вели  Благојче Наумов соседот кој несебично и човечки влетал во запалената куќа да ги спасува децата на Давчевски.

Куќата лесно горела оти таванот бил од трска. Но и покрај тоа  Наумов и останатите соседи се впуштиле во битка да го гаснат огнот. И покрај тоа што струјата не  била  исклучена, па ги довеле во опасност и сопствените животи. Набргу дошле пожарникарите, поради непристапниот пат, со потешкотии интервенирале,  тие несебично се вложиле и го угаснале огнот. Но за жал, од куќата на седум членото семејство Давчевски останаа само ѕидовите.   Таткото и   сопругот низ солзи  бараше спас за неговото семејство, оти се што имале за половина час, изгорело во пожарот. 

Се што имавме, се отиде. Сега сме на  улица, јас сопругата, четирите деца и мајка ми. Ако има луѓе, ако знаат за мака, нека  помагаат – рече Велибор. Тој и сопругата Ленче се невработени, живееле од пензијата на мајка му и  од помошта за трето дете.   Првата ноќ ја минале кај сестрата на Велибор, но велат не може цел живот таму да го минат.

Децата два дена плачат, сакаме дома, сакаме дома. А во која дома да  ги носам, што да видат. Од што да почнеме сега да живееме. Видоа како гори куќата, знаат што се случи, и сега бараат назад. Немам што да ги облечам, се изгоре  -  низ плач се прашуваше младата мајка Ленче.

Во посета на семејството беа пратеникот Илија Димовски, претседавачот на Советот на општина Велес Александар Колев, кој ветија помош. Надлежното министерство за труд и социјална политика најавило парични средства но и мебел и покуќнина. Се чека и помошта од велешките фирми, кои и досега знаеле да помогнат во вакви  случаи.

АНКЕТА »

Како ќе ја помните годината зад нас, 2019-та?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »