речник контакт

Еден век Зографски мерат точно време на велешани

Неколку генерации од ова семејство се бават со овој занает, иако нивните предци биле познати фреско цртачи, не само во земјава туку и на Балканот. Никола Зографски е најстариот велешки саатчија

Петар Печков

Еден век семејството Зографски за велешани го мери точното време, ги поправа рачните часовници и будилници.  Тие се мијаци,  доселени пред век и половина од Папрадиште во Велес. Неколку генерации од ова семејство   се бават со овој занает, иако нивните предци биле познати фреско цртачи, не само во земјава туку и на Балканот.  Никола Зографски  е  најстариот велешки саатчија, го продолжува семејното занимање и работи во најстариот дуќан  во градот.

Прв почнал да се бави со часовничарство чичко ми  Славејко, најстариот брат  на татко ми од тројцата. Тој учел во Солун. Имало  тогаш потреба, Велес бил трговски град, велешани имале потреба од часовници и таму се образувал, дошол тука.  Ги научил и помладите браќа, па така сите тројца  станале  саатчии – вели Никола Зографски.

Започнал да работи од 1950-та година, го учел занаетот кај татко му Спиро,  тоа е фамилијарен занает, кој се пренесува од колено на колено. Исто и  чичко му Киро бил часовничар, тој Никола, сега  неговите децата Сашко и  Мајран продолжуваат да се бават со оваа работа. Времињата се менуваат, но саатот останува потреба, нема кој друг да го мери времето, иако сега мобилните го покажуваат точното време, ама часовник на рака е друго чувство.

  Опадната е работата за 90 отсто, во споредба со пред 20-30 години, се е на дигитални часовници, времето  не гази, како и терзиите, кондураџиите, сега е друго. Велешани на времето  купуваа часовници и тоа светски марки, дарвил, омикрон,  докса, омега, зенит, лонжин. Тогаш  ние ги продававме и  поправавме,  ако  се расипат. Руските саати беа многу популарни, беа евтини а убави, пристапни до граѓаните, секој ги имаше на рака. Швајцарските беа многу скапи, престижни, ги имаше ама малкумина можеа да си ги дозволат.  Сега останаа нешто делови уште од татко ми  што работел  ги трошиме, но се поретко доаѓа некој да поправи часовник – објаснува Никола.

Со своите  седумдесет и три години, има прецизно око и рака. Наместо со наочари, ја става  лупата  и  ги  поправа часовниците, вели дека е полесно е така. Но се помалку ја користи, оти дигиталните часовници кои се актуелни, кога ќе се расипат не се поправаат. Многу ретко е некој да побара на навивање,  на машина, или како што велешани знаат да кажат  ,,на  курдисување,,. Има дигитални од 300 денари до илјада евра.  Но имало велешани што даваат и по 5-6 илјади евра за дигитални часовници. Доаѓале луѓе кои сакаат часовници и купуваат  и такви,  ретко ама ги имало. Часовникот е дел од модата, за некого накит, за друг потреба. Како времето минувало, така се менувале и формите.

  Порано мажите најчесто го носеа часовникот, тоа беше одлика на машкоста, но како времето минуваше и жените го прифаќаа,сега е рамноправно, но не беше така порано. Дамите сега имаат прекрасни дизајнирани часовници.  На времето жените дома седеле и немале потреба од саат, мажите за на работа, како времето се менуваше така се менуваа и навиките. Памтам кога многу се бараа будилници, луѓето за наутро им требаа за на работа да ги будат, или за по поле на лозје. Тоа им беше најважниот предмет во куќата. Не можевме да престасаме од поправка, сега се случува еден во месецот да донесе во дуќанот – се потсетува Никола.

Неговата фамилија е  мијачка и зографска, тие цртале фрески по цркви и џамии. Тие се родум од  велешкото село Папрадиште. Дедо му  Јован бил голем мајстор, работел по Балканот, има џамија цртано во Сараево но и  црква во Ниш. Бидејќи се бавел со  печалбарски занает, поголем дел до годината не бил дома, ќе си дошол зимно време и затоа  решил децата да ги образува. Така најстариот  Славејко го испратил во Солун да учи за саатчија а тој ги научил помладите браќа Киро и Спиро.  Татко му бил другар со поетот Кочо Рацин и почесно место во дуќанот земат  заедничките  слики. Зографски се гордеат што го имаат најстариот дуќан во Велес, кој се одржал околу седумдесет години. Се наоѓа во куќата на Шукареви, една од знаменитостите на Велес, во центарот на градот. На истата маса Никола како и неговиот татко Спиро ги попрва часовниците.

Татко ми  од овој занает одгледа три деца, брат ми Славејко е стоматолог во Загреб, сестра ми педијатар Султана Зографска Манчева.  Стариот  го учел занаетот во Безистенот, на пазариште, таму почнал, па се префрлил во центарот до овој дуќан, за потоа да дојде да работи тука, порано Банка била. Така сме тука некои 65 години, во куќата на Шукареви.  Во дуќанот најстариот часовник е германски од 1930-тата  Фунгхаус. Чука на секој 15 минути и покрај осумдесет  и кусур години покажува точно време.  Цел живот работев приватно, и задоволен  сум од сработеното, куќа направив, синовите ги изгледав, одомив – вели Никола.

Тој има време и за муабет, па во дуќанот ќе наврати некој од пријателите, ќе раскажат нешто интересно од нивното време или нешто ново, ќе се потсетат на за нив убавите времиња. А часовникот со отчукувањето на минутите неодминливо покажува дека времето минува, иако дуќанот ја задржал својата автентичност и убавина.
   

Велешани се единствени во земјава и лесно препознатлив по  една карактеристика која ја нема никаде  во друг град. Зографски вели дека по тоа  се познати велешани. Го членуваат  бројот од точното време, часот.

Кај нас, во Велес од века останало дека саатот е едниот, двата, пете. На друго место тоа го нема. Слушам и младите го прифатија. Иако не е граматички правилно, но ова останало со децении а како оди времето, тешко дека ќе се смени. По тоа сме познати, кога се договараме велиме дека ќе се сретнеме вечер таму и таму  во  шесте  или осумте – вели Никола.

АНКЕТА »

Каде одмарате летово?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »