речник контакт

Единствената жена хармоникаш во Македонија

Зорица Велковска, кавадарчанка, мажена во Велес ја руши половата бариера во музиката. Инструментот тежок 14 кг на сцената е со неа на нозе по еден час

Петар Печков

Родена Кавадарчанка,а сега  велешанка по сопругот,  Зорица Велковска е единствената жена хармоникаш во Македонија. Таа со своите триесет и кусур години повеќе од три децении го свири овој инструмент, кој важи за машки. И покрај тежината од 14 кг, таа не се одвојува, туку храбро стои по час и повеќе на сцената кога настапува. Задоволството од аплаузите, ја заборава маката од тешкиот инструмент.

Хармониката е тешка за женски пол,  но се  снаоѓам  некако.  Меракот, желбата не ми дозволуваат да почувствувам тежина  додека свирам. Самоука сум.. Многумина не веруваат дека немам музичко образование, школо. Брат ми, ми помогна тој имаше музичко образование. Растев по Домот на културата во Кавадарци. Таму го крадев занаетот, ако имаш добар слух имаш потенцијал и за напредок - вели Зорица.

Откога знае за себе   свири хармоника, пораснала во музичка фамилија. Татко и, и брат и  биле хармоникаши, вујко и свирел кларинет, чичковците исто така музичари,    така што сите во пошироката фамилија нешто свиреле.

Иако женско израснав со нив, бев дел од екипата, така што мојот музички пат имаше уште од мала своја траса, по која одев.  Најверојатно тука пресуден момент  за мојот сегашен статус е тоа што имам талент, со трудот кој го вложував, и што живеев во музичка фамилија – објаснува Велковска.

Таа е Кавадарчанка, мажена во Велес. Во ансамблот Керамичар е пет месеци, започнала да соработувам неодамна. Претходно свирела родното Кавадарци во КУД  во Тиквеш.  И тоа цели 15-тина години. Има  хармоника имам добра марка ,,гверини,, за која вели дека музичарите знаат колку вреди.

Вежбам еден час на ден, морам да имам кондиција, за настап, за техника, брзина, квалитет.  Свирам на хармоника и со копчиња и  со клавијатура. Има разлика меѓу нив. Чичко ми ме научи на таа со копчиња, татко ми на клавирска. Така од љубопитност како мала почнав да чепкам, да видам кое каков звук дава. И се заразив, од мене стана хармоникаш. Имам желба на некој концерт да свирам и на двете хармоники, што   е реткост  музичар  да свират на едната и другата – додава Велковска. 

И покрај домашните обврски, семејство, децата, кујната, таа наоѓа време секој ден еден час да посвети на хармониката. 

Хармониката е за мене храна. Кога ќе го слушнам овој инструмент ме храни, се чувствувам поинаку. Ме исполнува кога луѓето ми приоѓаат, ми честитаат, браво, одлично. Посебно со жените ме фалат, се заблагодаруваат за убавите моменти. Има пријатни реакции.  Аплаузите покажуваат дека е добро – вели Зорица.

Хармониката се смета дека е машки инструмент, иако таа не знае зошто е така, во пракса покажува  и ја руши половата бариера и во музиката. Додека  женските се одлучуваат за флејта, клавир, пијано, виолина, Кавадарчанката се одлучила за хармоника, иако е тешко  и мачно тие 14 кг да се држат, да се исвират на нозе. За тие што не веруваат порачува нека земат било што со таа тежина и нека стојат со него барем 10-15 минути на место. Тогаш можеби повеќе ќе ја ценат единствената жена во Македонија, хармоникаш. Таа не свири само народно и не само пред публика.

Слушам секаква музика а свирам народно македонско, српско, бугарско, Свирам и сериозна музика, класика, валцери. Зависи од инспирацијата. Не можам да кажам колку нумери знам. Со многу вежбање создадов голем репертоар. Знам со друштвото да засвирам, да допреме до музика, песна. Јас со хармониката тие со гласот и забавата започнува - заврши Зорица Велковска.

АНКЕТА »

Дали користите велосипед во Велес?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »