речник контакт

Една фамилја пет сметки за телевизија

Наместо секое семејство да добие едно решение за наплата, во многу случаи решенија се доставувани и до брачниот другар како и на другите членови на исто семејство

Петар Печков

Стотици  велешани со денови чекаат во ред и се гужваат пред шалтерите на УЈП   откако добија по неколку сметки  за радиодифузна такса.  Тие реагираат во Управата за јавни приходи откако ги добија решенијата за утврдување радиодифузна такса. Наместо секое семејство да добие едно решение за наплата како што беше досега, во многу случаи решенија им се доставувани и до брачниот другар како и на другите членови на исто семејство.

Зошто ми испратија сметки за цела фамилија. Сега морам да губам време пред УЈП, да чекам да ја исправат нивната грешка. Од каде имаат податоци за целото семејство и матични броеви од децата – велат велешани.

Доставувани се по две, три, па дури и по пет решенија, односно за секој член од одделно семејство кое живее на иста адреса и со ист куќен број. Ова крајно ги збуни велешани и ги револтира, но не успеаја да добијат одговор во што е проблемот. Исто така, збунува и фактот од каде јавниот сервис има информации за тоа кои и колку члена се во состав на едно семејство.


Грешките со сметките за радиодифузна такса настанаа откако МРТ како надлежна за регистарот на претплатници  започнала  да ја ажурира базата на податоци. Овој регистар со години не бил исчистен и граѓаните постојано се жалеа дека редовно им пристигнуваат сметки и за одамна починати и иселени лица.


Домаќинствата што по грешка наместо една, добиле две или повеќе сметки за радиодифузна такса на име на повеќе членови на семејството нема да платат ниту денар повеќе од предвидената месечна сметка, оти по пријавувањето на грешката таа веднаш ќе биде отстранета, уверува извршниот директор на Македонската радио-телевизија, Марјан Цветковски.

Тој вели дека освен на влезот во зградата на МРТ, каде што во две смени работат шалтери на кои може да се пријават згрешените сметки, тоа може да се стори и во секоја од регионалните канцеларии на Управата за јавни приходи.

Граѓаните треба само да ги пополнат формуларите што МРТ ги дистрибуира до сите канцеларии на УЈП за полесно решавање на проблемот. По предавањето на формуларот, грешката автоматски ќе биде отстранета. Тоа ќе го сториме веднаш и за оние граѓани што по пошта ќе ни укажат дека добиле повеќе сметки. Никој не треба да стрaвува дека ќе му биде наплатено отповеќе - вели Цветковски.

Тој ги демантира шпекулациите дека за корекција на сметките МРТ  наплаќала по 50 денари.

АНКЕТА »

Дали летово планирате да одите на одмор и ако одите каде?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »