речник контакт

Езерото Младост прелеа

Градот не е во опасност, истекува мало количество вода

Петар Печков

Дождот кои изминатите два дена интензивно врнеше придонесе да се прелее езерото Младост. Ова е прв пат по 1984-тата година, водата да претекува преку браната. Но количествата се далеку од потенцијална опасност по градот и зголемување на реката Вардар, каде се влева водата од вештачката акумулација, уверуваат надлежните.

Оваа количина на вода   која истекува,  нема да има влијание на водостојот на реката Вардар. Можно е прелевањето да биде  најмногу до 100 илјади метри кубни за 24 часа. Браната е во одлична состојба и сеизмичките мерења и сеизмичката стабилност врз неа покажаа дека е стабилна,  нема опасност од нејзино оштетување  од големото количество на  вода - изјави Бобан Пановски директор на ЈВП ХС ,,Лисиче,, кое управува со акумулацијата во близина на Велес.  

Надојдените суводолици Отовичка  и Рудничка река се причина што езерото го има највисокиот водостој во  овој век.  Од нејзината изградба во 1962 година по  три   децении браната повторно претекува.   

Младост последен  пат прелеа во април 1984-тата.Имаше таа зима големи снегови и мразови. По пуштањето на времето и  топлото време, дојде до топење по што езерото се прелеа -  вели  Гоце Чушков, поранешен директор во Агрокомбинатот Лозар, кој стопанисуваше со езерото. Мештаните од околината тврдат дека езерото уште долго време ќе се  полни оти и акумулацијата Јарбош, од каде исто така водата доаѓа во езерото Младост е преполно.  

За еден  месец нивото  на  езерото се зголеми во висина  од    еден и пол метар. Проценките се дека има  околу 10 милиони кубни вода, а површината е 60 хектари. Само пред неполни десет месеци нивото на езерото беше блиску до биолошкиот минимум и беше доведен во прашање рибниот и животинскиот фонд во водата. 

АНКЕТА »

Колку сте задоволни од настапот на македонските репрезентативци на ЕП во одбојка?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »