речник контакт

Етно работилници во Велес, за стари занаети за основците

30 основци учат грнчарство, столарство и ткаење

Петар Печков

Спомен куќите на  уметноста  во Велес овие десетина дена повторно оживеаја. Ги отворија вратите и тие се времен дом на триесетина велешки основци, кои  таму ги учат  тајните на   подзаборавените  стари занаати, грнчарството, столарството  и ткаењето. Во куќите на Рацин, Главинов и   Касапови се одржуваат летните школи, во организација на граѓанското ,,Разбој,,. По четврти пат во Велес се  одржуваат етно - работилници.  

      - Целта ни е младите да ги поттикнеме на учење на овие стари занаети кои се во изумирање. Интересот со кој наидуваме ги демантира тврдењата дека младите не се заинтересирани. Имавме поголем интерес од  овие присутни  30 деца. Работилниците траат четири часа а тие остануваат и повеќе, оти сакат да работат. Се надевам дека барем две – три деца  од секој занает  во наредниот период ќе остане во занаетот. Драго ми  е што работиме и од година на година го подигаме интересот кај велешките деца за  овие стари  занаети.  Треба да  им  го пренесеме тоа  што го знаеме, да  не остане заборавено - вели    Гоце Станчев  од ,,Разбој,,   Во Куќата на Рацин се   одржува грнчарската работилница. Таму во автентичен амбиент,  каде работел и самиот Рацин,  на грнчарско колце творат малите детски раце. 

    -  Децата имаат многу мерак што се во родната куќа на Рацин. Грнчаријата ја работат вешто, со голем интерес. Брзо учат и ако продолжат да работат, сигурно некое ќе се најде во овој занает – рече  Цветко Шопов кој потекнува од стара грнчарска фамилија.. Десетте деца, меѓу нив и девојчиња, изработуваат стомни, тави, бардачиња, но и модерни предмети- сувенири и украсни предмети.Во родната куќа на Васил Главинов е столарската работилница, оти и  тој самиот  бил столар.

    - Со голема љубов беа изработени овие предмети. Се надевам дека тоа што го покажаа тука, ќе остане во нив и ќе продолжат натаму, ако ништо барем за своја душа да изработуваат дрвенарија за по дома .Многу се трудат, важно е човек да знае, без  оглед каде  ќе се насочи натаму – рече столарот Трајче Игнов. Предметите ги изработуваат од чамово дрво.  Шеснаесет годишниот Кристијан Јорданов две години претходно учествувал и се  обучувал за столар, а годинава стана калфа, помошник на мајсторот и тој им помага на помладите да ги запознаат тајните  на овој занает.   Во куќата на Касапови е ткајачката работилница. Таму има исклучиво девојчиња кои работат со плетачки игли, чингелакии а некои и на висински разбој.    

       -  Интересот со кој девојчињата доаѓаат се должи на тоа што нема кој да им ја пренесе работата со овие предмети.   На компјутер, интернет  и фејсбук нема каде да видат вакво нешто. Прво учат да плетат, па да везат и на крајот ткаат –објаснува  Тања  Таневска  координатор и инструктор во здружението ,,Разбој,,.. Сите изработени предмети девојчињата си го носат дома.  Претходно сработеното ќе биде прикажано на изложба во куќата на Касапови. Истовремено здружението ,,Разбој,, ќе  одбележи 10 години постоењето  со промоција  на документарниот филм,, Исткаено време,, каде  се забележани сите  нивни  активности.     

 

АНКЕТА »

Дали летово планирате да одите на одмор и ако одите каде?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »