речник контакт

Жителите на Превалец секој ден доживуваат земјотрес

Жителите на велешката приградска населба Превалец секој ден доживуваат земјотрес, но не како резултат на природно поместување на земјата, туку како последица на експлозиите од блискиот каменолом.

Петар Печков

 Илјада жители и двеста куќи се во опасност од татнежот на динамитот и камењата што потоа како дожд паѓаат врз населбата. Како резултат на минирањето, дел од куќите се оштетени а  луѓето живеат во страв. Ваквата состојба била присутна последната половина година, откако со каменоломот стопанисува нов газда.

Секојдневно во терминот помеѓу 10 и 12 часот има минирање во каменоломот. Тоа се силни експлозии од кои има повеќе штети, куќите почнаа да напукнуваат, прозорите се кршат и искрено стравуваме по нашите животи. Толку е силна детонацијата, има потрес, земјата се тресе, прозорите сами се отвораат. Многу е страшно, непријатно, на никого не му посакуваме ова да го доживува. Секој ден сме под стрес, освен недела  тогаш е единствено мирно бидејќи е неработен ден, нема експлозии. Во една прилика, есеноска, кога имаше силна детонација, неколкумина жители се собрале и сретнале со стручњаците од каменоломот и жестоко реагирале, но ништо од тоа, тие си продолжија да работат по нивно – вели  Јован Здравевски.

Тој е прв сосед на каменоломот и најмногу погоден. Објаснува дека во каменоломот има сирена со која се означува дека за неколку минути ќе има експлозија, но таа била толку слаба што се слушала само ако човек е надвор од куќата, доколку е дома не. Први во ваквата состојба напукнуваат таваните, па потоа спојот на ѕидовите. Од пуста мака бидејќи пукнатините биле широки, а за да се заштитат од ветерот и зимата, повеќето превалчани нивните домови времено ги заштитиле со лепенки, за да не  заминува топлината од собите.  Така внатрешноста на повеќето куќи е непланирано декорирана со  гипс, со кој ги затвораат отворите.

Откако дојде новиот сопственик, тој како да сака бргу да спечали, па користи посилен динамит, за повеќе камен да крши, што резултираше со силни детонации, со оштетувања на нашите домови. Тоа  ни е се што создадовме во животот и не се помируваме со ваквата состојба, да останеме без куќа. Кафе не можеме чесно да  се напиеме, колку пати само се случило тоа да се прелее во филџанот од силната експлозија – вели  Јован Ампов, кој до пензијата работел во каменоломот.

Тогаш бил сопственост на АД Киро Ќучук и објаснува дека имало разбирање,  и тогаш се кршел камен но немало таква детонација. Како поранешен минер вели во негово време користеле до петстотини килограми динамит а сега  се користело и до два тони па тоа резултирало со вака силни експлозии. Помни дека тогаш и шесте печки за вар работеле, ама немало така силни минирања сега кога не работи ниту една.   Каменоломот порано служел за обезбедување суровина за вар а сега исклучиво за камен за градежништво.  Досега  жителите на Превалец не побарале помош од никаде бидејќи не знаат каде да се обратат.

Новиот сопственик, за кого превалчани велат дека бил кумановец, го виделе единствено пред некој месец, кога дошол во просториите на   локалниот фудбалски клуб и најавил  дека сака соработка со жителите. Тие изворно му се пожалиле дека експлозиите се многу силни, на што тој ветил дека ќе се среди. Но ништо од ветеното.   

Објаснуваат дека немаат ништо против  каменоломот да  работи, луѓето нека земаат плата, но нека мисли и за жителите, да не ги загрозува нивните животи и домови. Но тука не завршуваат проблемите во населбата Превалец. Поради силната бучава што ја создаваат машините дробилки тие морале  меѓусебно гласно да  комуницираат. Дел од неупотребенети камења се фрлале од блискиот рид и завршувал покрај реката Тополка, која поради тоа на излезот од населбата е со тесно корито, што може да резултира со поплави на ниските делови до Превалец.

АНКЕТА »

Дали состојбата со ковид-19, го промени начинот на живот кај Вас?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »