речник контакт

Зафирчев се врати на театарската сцена

По две месечна принудна пауза по повредта во шоуто ,,Танц со ѕвездите,, Васил Зафирчев пак се појави на театарската сцена.

Петар Печков

  Тој беше дел од програмата на  фестивалот Војдан Чернодрински, каде заедно со велешките колеги ја одигра ,,Ноќите во бел сатен,, . Зафирчев  се повреди при проба на шоуто ,,Танц со ѕвездите,, на 15-ти април и два месеци подоцна, повторно е на театарските штици.

Се враќам полека на тековните  професионални ангажмани и животни активности. Повредата беше од таков тип, што бараше повеќе време за мирување и рехабилитација. Целиот процес не е завршен ќе трае до 15 јули. Имам уште многу да вратам за нормално функционирање.  Заради обврските кон претставата ,,Ноќите во бел сатен,, која се игра во Прилеп и наскоро на Скопско лето, започнав со  проби. Заради мене направени се неколку преадаптации на мизансценот, за да можам активно да  се вклучам – вели Зафирчев. 

Повредата на коленото кај него се уште се чувствува и е видливо при одењето, но  додава дека ќе стегне заби и обврската ќе ја исполни. Ова лето тој ќе има и други ангажмани. Веќе од понеделник започнува со подготовки на нова претстава со Драмски театар  во Скопје, ,,Кавкаски круг со креда,, од Бертолд Брехт  во режија на  Златко Славенски, со која театарот ќе настапи на  Охридско лето. Зафирчев и докторите се задоволни од процесот на рехабилитација.

Мојата повреда беше класична скршеница на капчето од коленото. Дојде не по моја вина, ниту на партнерката, туку поради лизгавиот под каде работевме.   Четири недели бев во гипс, сега е процес на рехабилитација и физикална терапија. Целиот процес трае шест месеци, и некаде во октомври ќе треба да  се отстранат металните апликации кои се во коленото - додава актерот Зафирчев.

Неговата повреда е класична спортска, со која се судруваат многу познати светски имиња. Тој е благодарен за  ортопед д-р  Горан Алексовски  кој се вложил и му посветил големо внимание при лекувањето.  Ако на маката се познаваат пријателите, тогаш Зафирчев можеше во овој период да ги почувствува луѓето кои му се блиски.

Тие што требаше да бидат, беа покрај мене. Се јавија и луѓе кои не очекував.  Овие два месеци ги минав во читање на книги, драмска литература, гледање на филмови, нешта кои поради професионалните обврски, сум ги пропуштил. Беше и одмор по исклучително напорен период.  Ова што ми се случи го сметам како составен дел од животот и се е добредојдено. Не жалам за овој инцидент. Драго ми е што се навратив на мојата љубов од мали нозе, танцот, тоа беше мој голем  личен предизвик. Учеството во ,,Танц со ѕвездите,,  беше мое големо, богато творечко и професионално искуство – рече Зафирчев.

АНКЕТА »

Како да се надмине состојбата со големиот број заразени лица, позитивни на ковид-19?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »