речник контакт

За Богомилството (прв дел)

Богомилите биле против богатството, против феудалците, против црковната хиерархија. Тие за првпат почнуваат да ја третираат жената како рамноправен субјект во однос на мажот. Богомилството се јавило во Богомила, Нежилово, Согле и Бистрица

Петар Печков

„Од најстарите луѓе слушав дека постоел поп Богомил и дека бил роден во ова село. Од него името преминало и на селото. Тој ги помагал сиромашните и бил многу добар човек“, рекла Добрица Ѓорѓиевска, родена во 1943 година во велешкото село Богомила. „Слушав две верзии за местото на смртта на попот Богомил. Според првата, загинал на планината Бобиш, над селото Богомила (Бабуна Планина), а според другата, на островот Хвар“, раскажал Филип Митревски, роден во 1946 година во тогашен Титов Велес.

Приказните за дедо Богомил и за богомилите во Велешко и во овој век не се заборавени, но и интересот за проучување на богомилството се' уште трае. За тоа говори мошне впечатливата изложба отворена во последниот месец од 2015 година во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Самото споменување на богомилството предизвикува внимание и кај учените, но и кај „обичните луѓе“.

Ѓорѓиевска и Митревски се само двајца од повеќето соговорници во реализираното истражување во 2014 година во дел од велешките села, во рамки на проектот на МАНУ и Бугарската академија на науките (БАН), „Богомилското движење и богомилската книжевност“. Меѓу нив е и Томислав Најдовски, роден исто така во Богомила во 1939 година. И тој изјавил дека во Богомила се раскажува за попот Богомил, напомнувајќи дека неговото учење се проширило и во Далмација. 

„Бил многу учен и мудар човек. Велел: ’Јади, пиј, но не прави беља‘. Изјавите се дел од колективната меморија на повозрасните жители на неколку велешки села: Богомила, Нежилово, Согле и Бистрица, но богомилството во македонската историографија започнува со делата на Ангел Динев, македонски интелектуалец и публицист кој живеел во Софија.

Тој дал извонреден приказ за богомилството во делото ‘Македонските Словени‘ објавено во 1938 година“, вели проф. д-р Маја Ангеловска-Панова од Институтот за национална историја, која е и авторка на споменатата изложба насловена „Сведоштва за богомилите“. Таа потсетува дека и во 1939 година, Кочо Рацин пишува за богомилството, во делото „Драговитските богомили“, давајќи му, сепак, приоритет на антифеудалниот и социјален карактер на ова движење. 

Маја Ангеловска-Панова која, пак, богомилството го истражува од 1998 година, посочи на фактот дека покрај извесен период на затишје, почнувајќи од 2000-та година па наваму, за него интересот евидентно се зголемува. Во 2004 година е објавена нејзината книга под наслов „Богомилството во духовната култура на Македонија“ каде што ова учење за првпат е и интегрално обработено.

„Богомилството е едно апостазично учење, или како што популарно се нарекува ерес. Терминот потекнува од грчкиот збор хаиресис што значи избор. Богомилството се појавува во услови на доминантно влијание на христијанската религија, преку него луѓето во средниот век ја реализираат својата потреба за религиски избор, имаат алтернатива независна од официјалното христијанство. Во Македонија тоа се појавува многу брзо, а потоа се шири на целиот Балкан и во земјите на Западна Европа“, вели историчарката. 

АНКЕТА »

Колку сте задоволни од настапот на македонските репрезентативци на ЕП во одбојка?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »