Петар Печков
Објавено: среда, 18 октомври 2017
Кавадарчанецот Влатко Илиев доби 4 години и 10 месеци затвор, затоа што ја ограбил црквата Св., Спас во Велес. Тој е осуден за кривичното дело тешка кражба и му е судено во отсуство.
Настанот се случил на 3-ти јануари годинава во временскиот период од 16,00 часот до 6,00 часот наредниот ден. Илиев ја оштетил МПЦ-ОА Повардарска Епархија во вкупен износ од 4.400,00 ден.
Според обвинението со шрафцигер ја отворил влезната врата од капелата во кругот на црквата и од каде одзел два копачи. Потоа со шрафцигерот го скршил стаклото од продавницата за свеќи од јужната страна на црквата и направил отвор со димензии 35 х 70 см. низ кој влегол во продавницата. Од бирото одзел пари во износ од 400 денари.
Потоа на повеќе места во црквата барал пари и нашол во дрвена каса за доброволни прилози, при што одзел 3.000 денари. Во канцеларијата на свештениците, во фиоката од работното биро, пронашол и одзел 1.000 денари.
Илиев е во бегство од затворот од Штип каде има останато за до издржување казна затвор од 11 години и 13 денови, за што се бара со потерница на МВР.
Tweet |