речник контакт

Зошто во Македонија паѓа слободата на медиумите

Македонија е рангирана на 115. место во однос на слободата на печатот во светот, во друштво со Молдавија. Во земјава заедно со Унгарија и Украина се бележи најголем пад. Малку фали Македонија до година да биде во најлошата категоријата ,,неслободни,, медиумски земји

Петар Печков

Новиот извештај на „Фридом хаус“ покажува мешана слика за слободата на медиумите во Југоисточна Европа во 2011. година. Во текот на изминатите 12 месеци, ситуацијата најмногу се влошила во Македонија, додека пак значајни подобрувања се постигнале во Косово и во Црна Гора.

Значително намалување на слободата на печатот се случило во регионот на Централна и Источна Европа/ Евроазија во текот на 2011. година, се вели во извештајот на американската организација „Фридом хаус“ објавен во вторникот  на 1. мај.

Тука спаѓаат сите 15 поранешни советски републики, Чешка, Унгарија, Полска, Словачка и Словенија, плус девет балкански држави - Албанија, Босна и Херцеговина , Бугарија, Хрватска, Косово, Македонија, Црна Гора, Романија и Србија.

Годишното истражување „Слобода на печатот“ на оваа организација опфаќа вкупно 197 земји и територии во светот. Тоа го оценува нивото на слободата на медиумите во секоја земја и територија врз основа на 23 методолошки прашања и 109 индикатори поделени во три широки категории: правните околности, политичките околности, како и економските околности.

Врз основа на нивните поени -- од 0 (најдобар) до 100 (најлош) -- земјите потоа се оценуваат како „слободни“ (1-30 поени), „делумно слободни“ (31-60) или „неслободни“ (61 -100). Од сите 197 испитани земји, 66 (33,5 отсто) беа класифицирани како „слободни“, 72 (36,5 отсто) како „делумно слободни“, а останатите 59 (30 отсто) како „неслободни“.

Во регионот на Централна и Источна Европа/Евроазија, најголемата група ја сочинуваа „делумно слободните“, вклучувајќи ги и деветте балкански земји, плус четири други, или 45 отсто од вкупниот број. Од другите 16, само седум, или 24 отсто од вкупниот број, беа оценети како „слободни“, а другите девет, или 31 отсто, беа ставени во групата на „неслободни“.

Само 15 отсто од луѓето кои живеат во таа област имале пристап до слободните медиуми, „најмал процент од 2003. година“, велат од „Фридом хаус“, истакнувајќи дека падот во голема мера се должи на влошената медиумска состојба во "обично подобриот“ подрегион на Централна и Источна Европа.

„И во Унгарија и во Македонија има големо опаѓање на резултатот, а и резултатот на Украина, исто така, опадна“, велат од „Фридом Хаус“.

Македонија, која загуби два поени од својот рејтинг во извештајот од 2011. година, доживеа пад од дополнителни шест поени оваа година. Врз основа на нејзиниот нов резултат од 54 поени, таа беше рангирана на 115. место во однос на слободата на печатот во светот, заедно со Молдавија.

Силвана Хабданк-Колацковска, директорка на проектот за Државите во транзиција на „Фридом хаус“, рече дека дополнителното опаѓање на резултатот на Македонија  се должат на фактот дека негативните состојби забележани пред минатогодишното истражување „продолжиле и станале посериозни“ во 2011. година.

„Владата ја зголеми својата контрола врз Советот за радиодифузија", изјави таа за SETimes. „Државата продолжи со политички мотивираниот случај за затајување на данок, вклучувајќи го и долгиот притвор на Велија Рамковски, сопственикот на четири опозициски-ориентирани медиуми. Затворањето на медиумската група на Рамковски им дава на провладините медиуми доминантна позиција на пазарот“.

Со оглед на тоа дека државата е исто така единствениот најголем огласувач во Македонија, овие настани предизвикаа „сериозна загриженост“ во врска со нивото на уредувачката независност на медиумите во земјата, „особено на оние кои имаат тешки финансиски проблеми“, рече Хабданк-Колацковска.

„Големиот број на случаи на клевета против новинарите ... продолжува да ја попречува слободата на изразување и поттикнува автоцензура“, рече таа.

Покрај големите казни за новинарите во многу такви случаи, „често треба да се плати висока цена -- дури и за стрес -- за навредување на која било јавна личност која има добри врски, независно од тоа колку е оправдан чинот“, истакна Хабданк-Колацковска. „Потребен е пад од уште седум поени за Македонија, која сега има 54 поени, за таа да премине од „делумно слободна“ во „неслободна“ земја во истражувањето „Слобода на печатот“.

И додека поради истиот резултат, Молдавија се наоѓа на иста позиција со Македонија, нејзиниот рејтинг оваа година е за еден поен подобар отколку во 2011. година.

„Забележителни подобрувања“ во регионот на ЦИЕ/Евроазија има во Грузија, која постигна 52 поени оваа година, од 55 поени во 2011. година, како и во Косово и во Црна Гора, чии оценки од 49 и 35, беа за два поени подобри од оние што ги добија во претходното истражување.

Единствените други балкански земји во тој поширок регион кои исто така ги подобрија своите рејтинзи беа Хрватска и Романија, чии резултати се зголемија за еден поен и достигнаа 40 и 41 поен. Меѓутоа, резултатот на Романија беше најнизок во споредба со било која друга земја-членка на ЕУ.

Соседна Бугарија, која за последен пат се најде во групата на „слободни“ земји во истражувањето на „Фридом хаус“ за 2003. година, трета година по ред губи еден поен од својот рејтинг, и оваа година заврши со 36 поени.

Наместо да дејствуваат како заштита, некои медиуми се претворија во мали пудлици кои седат пред нозете на владата, чекајќи парче месо“, вели бугарката  Антоанета Цонева, шеф на софискиот Институт за развој на јавната средина,

Новата оценка на Албанија од 51 поен беше, исто така, за еден поен послаба во споредба со минатата година, додека пак оценката на Србија опадна за два поени и сега изнесува 35. Веќе трета година по ред, БиХ доби 48 поени.
Кипар и Грција, кои беа ставени во групата на Западна Европа, заедно со Турција и 22 други држави, исто така, ги задржаа нивните резултати од 22 и 30 поени. Овие две земји се единствените земји од Југоисточна Европа кои се најдоа меѓу 66-те „слободни“ земји во светот. Резултатот на Турција од 55 поени е за еден поен понизок од оној кој таа го доби во 2011. година.

текстот е преземен од Southeast European Times

АНКЕТА »

Како ќе ја помните годината зад нас, 2019-та?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »