Петар Печков
Објавено: понеделник, 22 декември 2025
Во текот на вчерашниот ден, загадувањето на воздухот во Велес, осетно се намали од над 100 мг/м3 низ деновите од седмицата, на 58 мг/м3 – вчера недела. Така беше и пред седум дена, минатата недела беа измерени 61 мг/м3.
Додека оџаците во Велес во недела наутро и навечер чадат како и секој зимски ден, мерните станици и апликациите за квалитет на воздухот покажуваат ПМ-честичките паѓаат.
Тоа го отвора прашањето што со години ја дели јавноста, ако се дома и тие што се греат на дрва, а загадувањето опаѓа, на што се должи ова? Одговорот е помал сообраќај, помал метеж, помалку прашина.
Последното и единствено истражување на локалната самоуправа за загадувањето на Велес од пред 11 години, објави дека 70 отсто од загадувањето во градот е поради греењето на домаќинствата, 20 на сообраќајот и 10 на индустријата.
Или Велес секоја зима ја живее истата сцена сиво небо, мирис на изгорено. Во неделата дел од активностите мируваат, се гледа кои извори најмногу ја креваат кривата во работните денови.
Што исчезнува во недела: метежот, прашината и дел од малата индустрија
Најочигледната разлика меѓу работен ден и недела е сообраќајот. Во работната недела градот живее во ритам на утрински и попладневни „шпицови“, со колони возила што се движат во режим старт-стоп — сценарио што ги зголемува емисиите. Издувните гасови не се само видлив чад, возилата испуштаат и азотни оксиди (NOx) и други соединенија кои во атмосферата, во зависност од влажноста и условите, можат да придонесат и за секундарно формирање честички. Кога сообраќајот во недела нагло опаѓа, често опаѓа и овој „пумпа-ефект“ врз урбаниот воздух.
Втората голема разлика е градежништвото. Иако во Велес нема големи и сериозни градежни зафати во голем број, сепак градежниците работат. Дел од таа кал се носи на улиците, се суши и потоа повторно се крева во воздух од движењето на возилата — процес познат како респензија. Во недела, кога градилиштата мируваат и има помал товарен сообраќај, често се забележува пад на PM10 (грубата прашина).
Третиот фактор што јавноста често го потценува се малите и средни погони и работилници столарски работилници, автосервиси, мали производствени капацитети низ индустриските зони. Во работните денови тие работат интензивно, а дел од нив се загреваат со евтини и валкани решенија (или користат материјали што создаваат многу чад). Во недела мируваат — и тоа, во комбинација со помал сообраќај, знае да му даде „здив“ на градот.
Затоа, кога во недела гледаме пад на ПМ, тоа почесто е сигнал за влијанието на сообраќајот, респензијата и малата индустрија. Иако неделата знае да донесе пад, има една работа што ретко исчезнува: загадувањето не паѓа до нула. Напротив, во многу неделни денови бројките и натаму остануваат високи.
Токму тоа е најсилниот аргумент дека постои базно загадување — стабилен слој што најчесто доаѓа од согорување во домаќинствата: дрва, јаглен, влажно гориво, неефикасни печки и слабо одржувани оџаци.
Ако домашното греење е важен фактор, логиката би била едноставна: во недела, без шпиц и без градилишта, воздухот би требало да биде речиси „кристално чист“. Фактот дека тоа најчесто не се случува, е индиректна потврда дека домашното согорување е столбот на зимскиот проблем, додека сообраќајот и другите извори го „креваат“ врвот во работните денови.
Температурната инверзија, слаб ветер, висока влажност и стабилен воздушен притисок можат драматично да одлучат дали загадувањето ќе се „распрсне“ или ќе се „заклучи“ над котлината.
Најважната поента од „неделниот феномен“ е проста: кога ќе се намалат сообраќајот, прашината и дел од малите погони — загадувањето паѓа, но не исчезнува. Тоа значи дека борбата за чист воздух не смее да се води како лов на еден виновник, туку како напад на три фронта:
• греењето во домаќинствата (како базен извор),
• сообраќајот (како засилувач во работни денови),
• индустриски/занаетчиски емисии и градежна прашина (локални „џебови“ што ја креваат кривата).
| Tweet |




