речник контакт

Зошто има годишни времиња, пролет, лето, есен, зима

Причина за појавата на годишните времиња е тоа што оската на ротација на Земјата е наведната под одреден агол (66°33`) во однос на орбитата или патеката на Земјата околу Сонцето

Петар Печков

Веројатно се прашувате зошто имаме годишни времиња? Промената на 4 годишни времиња нема на целата Земјина топка. Во екваторскиот појас, поради целогодишната изложеност (свртеност) кон Сонцето под голем агол, загревањето е силно во текот на годината, па овде е постојано лето. Од друга страна, во поларните области, изложеноста кон Сонцето во текот на годината е под мал агол, загревањето е слабо. Затоа, овде како годишно време доминира зимата, а покрај него, се јавува кратко и релативно студено лето. Тоа значи дека 4 типични годишни времиња има само во умерениот појас на Земјата, помеѓу 23-тиот и 66-тиот степен северна и јужна географска широчина, а најдобро се изразени околу 45-тиот степен.

Вистинската причина за појавата на годишните времиња е тоа што оската на ротација на Земјата е наведната под одреден агол (66°33`) во однос на орбитата или патеката на Земјата околу Сонцето. Така, половина година, односно од 21 март до 22 септември, северната полутопка на Земјата е повеќе изложена (свртена) кон Сонцето, а следната половина година (од 22 септември до 21 март), во таква положба е јужната полутопка. Единствено 2 пати во годината, на 21 март и на 22 септември, двете полутопки се подеднакво свртени кон Сонцето и тогаш е рамноденица или еквиноциум (положби B и D на сликата долу).

На 22 јуни пак, севрната полутопка е најсвртена кон Сонцето и тогаш на северната полутопка е највисоката летна положба или летен солстициум, односно летна долгоденица (положба A). Во исто време, на јужната полутопка Сонцето е најниско, во положбата на зимскиот солстициум или зимска краткоденица. Поради различната изложеност кон Сонцето во текот на годината, доаѓа до нееднакво осветлување и загре¬ва¬ње на северната и јужната полутопка и појава, односно смена на годишни времиња.

Така, од 21 декември до 21 март силно се загрева јужната полутопка (лето), а се лади северната полутопка (зима). Бидејќи во овој период Земјата е најблиску до Сонцето (перихел), би требало да се очекува летата на јужната полутопка да се многу пожешки. Сепак тоа не е случај, бидејќи на јужната полутопка доминираат пространи океански површини, што условуваат поладна циркулација на воздушните маси. Обратно е на северната полутопка од 22 јуни до 22 септември.

Инаку, загревањето и ладењето на земјините полутопки е релативно бавно. Побрзо се лади и загрева копното отколку големите водени површини. Затоа, во континенталните области, најниските или највисоките температури се јавуваат околу месец дена по стартот на зимскиот/летниот период, додека покрај морските брегови тоа е околу 2 месеци од датумот на почетокот на овие годишни времиња.

Така, во Република Македонија највисоките летни температури обично се во месец јули, додека покрај брегот на Егејското или Јадранското Море, во месец август. Слично е во зимскиот период.

Kога оската на ротација на Земјата би била нормална (под агол од 90 степени) во однос на орбитата, не би имало годишни времиња, бидејќи сите делови би биле подеднакво изложени кон Сонцето. Обратно пак, да беше аголот многу помал од оној што е, годишните времиња би биле екстремно изразени и контрастни. Во такви услови, ништо не би било како што е, особено во однос на живиот свет и неговата адаптираност на годишните промени.

Автор: д-р Ивица Милевски

АНКЕТА »

Дали треба и натаму летно и зимско сметање на времето?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »