речник контакт

Изгореа мрежите на рибокрадците

Рибата нелегално се фаќа ноќе, на познати локации на Вардар, езеро Младост, од лица кои во 80 отсто се исти и се повторуваат

Петар Печков

Стотина рибарски мрежи долги седум километри пламнаа за миг, откако рибочуварите  го полеаја со бензин и ги запалија. Со нив рибокрадците нелегално ја ловеа рибата во велешкиот ревир па и онака  малиот рибен фонд уште повеќе  се осиромашуваше. На овој  неспортски начин одреден број велешани печалат пари.

Уништени се рибарски мрежи кои изминатата половина година нашите служби ги фатија на езерото Младост, реките Вардар, Бабуна и Тополка. Дваесетина се езерски а поголемиот дел се речни, кратки мрежи. На овој начин се обидуваме да го спречиме криволовот, кои одредени поединци несовесно го применуваат – вели Томе Илиевски секретар на ЗСР ,,Бабуна,, од Велес.

Вакви акции на палење и уништување на запленетите мрежи се спроведуваат еднаш годишно. Фатената риба се продава на црниот пазар, каде цената и  100 денари за килограм.  Похрабрите рибокрадци, обично в недела, можат да се најдат и на приодите од Градскиот пазар, кога ја нема инспекцијата и таму да ја продаваат рибата. За нив ова е начин на егзистенција.

Оваа работа е макотрпна, ни малку лесна. Без соработка со другите институции не може да се фатат  рибокрадците. Во најголем број случаи, 80 отсто се исти лица, повторници, кои продолжуваат да фаќаат риба нелегално. Фаќаат ноќе, под закрилата на темнината и што е најлошо во време на мрест, кога рибата е полна со икра. Добро се опремени, со мобилни, со двогледи и штом ќе не регистрираат бегаат од местото каде ги поставиле мрежите, па не можеме да ги фатиме – велат рибочуварите на ЗСР ,,Бабуна,, .

Акциите на фаќање на рибокрадците се спроведуваат во соработка со СВР Велес и надлежниот инспекторат за водостопанство. Зголемениот број на рибокрадци се толкува со зголемениот број на социјални случаи и невработени во градот, па дел од нив на овој незаконски начин се обидуваат да стигнат до средства за живот.

Од ЗСР ,,Бабуна,, сметаат дека парите кои се собираат од пресудените  прекршочните пријави, поднесени против овие лица, треба да се собираат во некој вид паричен фонд, кој ќе биде наменет за обновување на рибниот фонд. На тој начин би се збогатил фондот пред се во  реката Вардар која поради високата загаденост е без малку мртва река.

АНКЕТА »

Каде одмарате летово?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »