речник контакт

Интервју со Драган Плечко, алтернативец кој лекува

Тој е најпознатиот алтернативец на просторите на поранешната Југославија. Илзекувал многу луѓе од рак, но и сам потврдува дека имал и промашувања. ,,Се е карма, судбина. Некому му е дадено, а некому не,,

Петар Печков

На јавностa и е познат како едно од првите имиња на алтернативната медицина. Зад него се шест книги, стотици текстови и повеќе од 300 ТВ емисии и прилози. Со лековити билки првпат се сретнал во 1971 година како студент на прва година на органска хемија и биохемија, а подоцна, по одбраната на магистерската работа и самиот почнал професионално да се занимава со фитотерапија и советување.

Вашето име е познато во сите поранешни југословенски републики и во целиот регион како едно од првите имиња на алтернативната медицина и како истражувач на граничните подрачја на науката. Како всушност започна сè и што Ве поттикна да се занимавате со најголемите мистерии на светот и воопшто да запловите во областа на паранормалното?

Дипломирав на Природно-научниот математички факултет во Загреб каде што и магистрирав во подрачјето на хемијата на природните соединенија и така се сретнав со соединенија кои се лековити, а ги наоѓаме во природата, а посредно и со билното лекарство во кое солидна основа ми даде херцеговскиот тревар Раде Марушиќ.

Подоцна на медицина запишав докторат кој никогаш не го завршив затоа што во науката ми недостигаше слободата на размислување во термините на нематеријалниот свет и лековите кои настануваат во природата за да им послужат на луѓето. Почнав да се занимавам со медитација, со јога и ги сретнав сите значајни светски учители на тие дисциплини, неколку пати и Далај Лама и така склоноста кон мистиката се вовлече во мојот живот.

Во тие први денови, во средните седумдесети интензивно се занимавав со биоенергетски третмани, но по 1988 престанав со тоа и се префрлив на фитотерапија, потпирајќи се на учењата на индиската Ајурведа и парапсихологија каде што видов некои ефекти врз најтешките болести кои заслужуваат истражување. Научните институции не беа заинтересирани за тоа, па почнав со сопствена практика.

Го напуштив факултетот каде две години бев асистент и тргнав по патот на граничните подрачја на науката. Тоа е трнлив пат полн со подметнувања, некоректности и притисоци од страна на естаблишментот, но има и пријатни моменти во ситуации кога ќе успее терапијата на некоја тешка болест каде лекарите кренале раце од пациентите.

Многу сте пропатувале низ светот и на тие патувања сте сретнале и запознале многу значајни духовни личности. Која од нив оставила најсилен впечаток на Вас и зошто?

Др. Рејмонд Моди поради силните увиди во животот по животот, Махариши Махеш Јоги поради највисоката состојба на свеста, Далај Лама поради необичната добрина и љубовта кон луѓето, др. Владимир Прелог, нобеловец од областа на хемијата, поради спознанието за постоењето на киралитет во природата и Шивабалајоги, мистик кој целиот живот го посветил на јогата.

Според Вас, на што најмногу се должат сите овие малигни болести кои се сè побројни и почести?

Не постои вистински одговор на ова прашање, за жал. Појавата на меланоми е за седум пати почеста од претходно, појавата на рак на црева пораснала за 30 отсто, како и сите други видови карциноми. Наспроти превентивата, витамините, додатоците во исхраната, диетите, органски одгледуваната храна, животот во природа... мислам дека се работи за генетски запис и некој вид елиминациски механизам на природата.

За тоа придонесуваат и радиоактивноста, адитивите, пестицидите, отровните гасови, малигни соединенија во храната и менталните стресови, но постои уште една непозната димензија повеќе.

Стручњаците предвидуваат епидемија од малигни болести иако не даваат вистинско толкување на тој застрашувачки тренд. Мое мислење е дека луѓето на најдлабоките нивоа на свеста ја изгубиле врската со духовноста, секоја смисла, освен стекнувањето на материјалното, свештениците се возат во мерцедеси, некои се педофили, често се замешани во финансиски афери и народот ја загуби и таа последна врска со нешто во што би можеле да најдат утеха.

Тоа произведува стрес, депресија, анксиозност која на крајот може да се реши само со медикаменти. Според индиските Веди, живееме во темен период, „железно доба“, Кали Југи. Има нешто во онаа приказна за 2012 како пресвртна година.

Употребувате ли и Вие лично некои лековити билки и како се лекувате себеси и своите блиски?

Ретко, главно, врбовица, индиски корен асхњагандху и медитации. Немам некоја одредена болест, а фала му на Бога, ниту некој друг во моето семејство. Разработив совршен систем за симнување килограми со кои за 40 дена симнав 11 килограми што не ми се вратија назад. Станува збор за воспоставување на рамнотежата на натриумот и калиумот и на киселиот и алкалниот медиум во организмот, како и за радикално чистење на црниот дроб.

Кои луѓе бараат помош во Вашето советувалиште и имате ли клиенти од Македонија?

Ме бараат луѓе со сите дијагнози на кои можете да се сетите, а често добивам нарачки и од Македонија. Најчесто луѓето бараат да купат вортекс антени. Но, тоа е проблем зашто на вакви пратки мора да се плати царина, а исто така е потребно и лично да се видам со човекот кој ја прави нарачката за да му разработанм индидвидуална терапија. Ми сугерираат да најдам некој претставник кој би ги организирал тие работи за мене, но...

Соработувате ли со некого во Македонија? Дали можеби сте слушнале за некој македонски исцелител?

Не, но се сеќавам на еден македонски исцелител кој уште во 1983 година доаѓаше во Загреб и му правеше третмани на едно дете со тумор на мозокот. Успеа значително да го забави напредувањето на болеста, па дури и го однесов кај некои наши невролози кои му правеа ЕЕГ снимања и покажаа интерес за неговата работа. Се сеќавам дека беше лозарски работник.

Што обично им советувате на луѓето кои Ви се обраќаат, а страдаат од тешки болести како што е карциномот?

Да, помеѓу хемотерапиите или по нив го применуваат системот што го разработив, а се состои од специфична диета, сублиминално ЦД и препарат базиран на еден полисахарид. Секако, не тврдам дека лекувам рак, но имало случаи во кои третманот дал изненадувачки ефекти.

Пред 18 години еден човек од Тење дојде кај мене со карцином на двете белодробни крила. Фала му на Бога, тој и денеска е жив и здрав. Еден виолинист од Осијек имаше карцином на мочниот меур кој рецидивираше. Веќе шест години нема проблеми. Една Загрепчанка боледуваше од карцином на дојката со метастази на коските. И го продолжив животот за 11 години.

Секако, имаше и целосни промашувања кога ништо не ми одеше од рака. Се е карма, судбина. Некому му е дадено, а некому не, ние сме само посредници.

Вршите и мерења на радиоактивност, а имате и уште некои производи кои ги нудите на својата веб страница... За што точно станува збор?

Тоа е само почеток на изработка на страницата, но тука е вортекс антената за „енергетизирање“ на водата, Мегамин, полисахариди кои го јакнат имунитетот, но најважни се пакетите на третмани за одделни болести каде што комбинирам повеќе работи. Наскоро се ќе биде на веб страницата.

Во една пригода и самите рековте дека од секогаш имало тензија помеѓу Вас и ортодоксните научници... Каде најчесто се судиравте со нив, на што најмногу Ви приговараат?

Видете, ние ни приближно не знаеме што е човечка свест, ниту знаат научниците, ниту алтернативците, а знаеме и дека материјата на пофините нивоа се однесува сосема спротивно отколку на грубите. Тој парадокс ја следи науката од самите почетоци и се создава јаз помеѓу оние кои сметаат дека свеста на набљудувачите е неразделна од процесот што го набљудува, како што констатирал и големиот физичар и нобеловец Хајсенберг и оние кои го туркаат тоа под тепих и насила поставуваат критериуми кои денес веќе не можат да важат како некогаш.

Нема да верувате колку нобеловци и генијалци се занимавале со медитација, свети списи и размислувале на сличен начин (Алберт Ајнштајн, Брајан Џозефсон, Рејмонд Моди и многу други). Слично е со спротивставеноста на оние кои веруваат дека хемотерапијата е всушност само труење и дека треба да се замени со природно лекување и оние кои примената на лековити билки и минерали ја сметаат за измама и квазимедицина.

Јас немав премногу проблеми со тој дел зашто се заложував за симултана примена на двата пристапи, за доброто на пациентите и секогаш болните луѓе прво ги испраќав кај лекарите за да им постават дијагноза и да им понудат терапија зашто без сомнение научната медицина секогаш има предност пред народната, за тоа не треба ниту да се зборува, тоа се подразбира.

Сега имам нутриционистичко-тераписко советувалиште во кое ги примам пациентите, ги тестирам со некои неортодоксни методи и им препишувам терапија. Се разбира, откако претходно ќе ја видам нивната медицинска документација.

Колку и да Ве оспоруваат не можат да Ве игнорираат (зад Вас се и шест книги, стотици текстови, повеќе од 300 ТВ емисии и прилози...) Сепак, Ви паѓаат ли тешко коментарите на сметка на Вашата стручност кога станува збор, на пример, за човечкото здравје?

Не, тоа е нормална борба на мислења. Додуша, понекогаш знае да прерасне во валкана игра и подметнувања, па, на пример, за себе и за мојата работа сум имал можност да прочитам целосно неточни нешта и тоа од луѓе кои никогаш не ме ни виделе. Има кај нас една селска поговорка која вели: „Кој оди по село, тој добива по чело“.

Така и јас, како ЈУ-фронтмен на алтернативата, го добивав „ќотекот“ за сите други кои дејствуваа во тишина, далеку од медиумите и печалеа големи пари, често, лажејќи ги и ограбувајќи ги луѓето, „баеја од уроци“ и воопшто развиваа цело окултно подземје. Јас секогаш бев под рефлекторите на јавноста и морав да се однесувам морално и одговорно. Затоа и повеќето ТВ емисии и текстови за мене се позитивно интонирани.

Која од сите оние мистерии за кои сте пишувале ви оставила најсилен впечаток?

Прашањето за преживувањето на свеста по физичката смрт. Мислам дека доживувањето и книгата на харвардскиот неврохирург кој од прва рака доживеал клиничка смрт се врвен доказ дека овој свет не е се, дека еволуцијата продолжува од другата страна. Зборувам за професор Ебен Александер. И самиот во текот на медитациите сум имал одблесоци од некои повисоки состојби на свеста во кои гледате како е светот конструиран и колку нашата логика, нашиот ум се далеку од сознанијата на некои мистици и верски пророци.

Покрај тоа, секогаш ме интригирало дали постојат и други цивилизации во вселената, но не сум се занимавал со тоа со таков жар како со продирањето на свеста од другата страна на завесата. И секако, секогаш сум трагал по што подобри терапии за болестите на карцином, мултиплекс склероза, алтернативните тези за потеклото на тие заболувања, експериментирав со сублиминалните, потсвесни пораки прекриени со музика кои ја репрограмираат потсвеста и го ослободуваат човекот од тешки товари за кои и не е свесен. Тоа може да се одрази на излекувањето од болестите. Така, автор сум на првото хрватско сублиминално ЦД (http://www.dragoplecko.hr).

Која е Вашата цел во сферата во која работите, дали сте задоволни од својот досегашен живот?

Конечна цел е духовното просветлување, а во материјалниот свет имам претстава дека сме водени и во успесите и во промашувањата. Постојано сме тестирани, имаме слободна волја но кога човек страда многу е тешко да се задржат настаните под контрола. Архитектот на Свемирот секогаш има посилна волја од нашата, човекот има точка на кршење и треба да биде понизен, скромен и да го прифати она што доаѓа.

И на крајот, верувате ли во задгробен живот? Дали сте верник?

Не сум верник во класична смисла, но верувам во Бога, во виша интелигенција и религии кои сите, но секоја по различна патека, можат да не доведат до Бога.

 Интервјуто е преземено од МИА

АНКЕТА »

Дали Општина Велес да се задолжи со 46 милиони денари, за да се изгради покриен Градски пазар?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »