речник контакт

Интервју со Панче Ќумбев

Ексклузивно интервју со еден од најдобрите фудбалери во земјава и воедно нашиот сограѓанин Панче Ќумбев!

Зоран Николов

ТРМР: Зошто те нема на спортските терени?
Панче: Причината што не сум на спортските терени е тоа што ми се случија неколку последователни повреди во последнава година. Најпрво имав операција на лигаментите на скочниот зглоб, па потрес на мозокот, па повторно операција на скочниот зглоб, така што минатата година на професионален план ми беше исклучително тешка. Во полн тренажен процес сум веќе два месеца и се надевам дека за кратко време ќе се вратам во посакуваната форма.

\"\"

ТРМР: Кога сфати дека „прва љубов” ти е фудбалот?
Панче: Фудбалот ми е во гените, мојот татко беше фудбалер па некако нормално беше и јас и мојот брат да тргнеме по неговите стапки. Фудбал тренирам од мојата осма година. Уште од мал бев решен фудбалот да биде моја професија.

ТРМР: За оние што не знаат, во кои клубови досега си настапувал, а во кој клуб си денес?
Панче: Како што напоменав погоре, почнав да тренирам во својата осма година во пионерската школа на Ф.К. Борец. Ја поминав цела младинска школа, на 17 години влегов во првата екипа. Во првата екипа на Борец играв од 1997 до 2000год. Потоа преминав во редовите на прилепска Победа. Таму настапував од 2000 до 2004 год. Со Победа освоив Куп на Македонија и шампионска титула. Потоа преминав во Ф.К. Гроцлин, Полска каде имам важечки договор од 2004 до 2008год. Со Ф.К. Гроцлин имам освоено Куп на Полска.


ТРМР: Во кој клуб би сакал еден ден да настапуваш?
Панче: Немам посебен клуб за кој би сакал да настапувам, но посебно ми се допаѓа Бундес Лигата, затоа што трибините на Бундес Лигата се секогаш полни, а можеби и затоа што од мали нозе навивам за Баерн Минхен.

ТРМР: Играше за македонската репрезентација. Значи ли дека кога ќе се вратиш во форма по повредите ќе може Сречко Катанец да смета на твојот придонес за националниот тим?
Панче: Се надевам дека кога ќе се вратам во посакуваната форма ќе се наметнам и во националниот состав, како што беше случај пред повредите. Ме радуваат последните добри резултати на моите колеги од националниот состав и се надевам дека така ќе продолжат.

ТРМР: Дали сметаш дека македонскиот фудбал има перспектива и што треба да се направи за да се подобри ситуацијата?
Панче: Мое мислење е дека македонскиот фудбал тапка во место, не затоа што немаме квалитетен фонд на играчи туку затоа што немаме услови за работа. Можат на прсти да се набројат екипите кои имаат помошни терени во Македонија. Нормално, додека не влезат стабилни спонзори во клубовите ќе нема услови за напредок. Треба да престане да се меша политиката во спортот. Се надевам дека со донесување на законот за спорт ќе се средат многу работи во спортот затоа што Македонија има потенцијал за добар спорт.

\"\"

ТРМР: Низ градот се „плетат” муабети дека со Лидија сте еден од најубавите парови. Што мислиш за тоа?
Панче: Интересно прашање, не знам како би одговорил. Со Лидија сме во брак веќе година и половина и ја имаме нашата ќеркичка Ива која за неполн месец ќе наполни една годинка. Тие две девојки ми се најголемата потпора во животот.

ТРМР: Колку често ја отвораш ТиРековМиРече.ком и што мислиш за страницата (во смисла што треба да се смени, да се отстрани, да се додаде и сл.)?
Панче: Па мислам дека после уредниците на Ти Реков Ми Рече ја сум најчестиот посетител на страницата, затоа што живеам во Полска и сакам да сум секогаш добро информиран за мојот Велес. Иако сум далеку од Велес со вашиот сајт сум многу поблиску до мојот роден крај. Сајтот е супер, само би сакал да биде малку повеќе позастапен спортот односно спортските случувања во Велес. Поздрав до сите посетители на Ти Реков Ми Рече.

АНКЕТА »

Дали Општина Велес да се задолжи со 46 милиони денари, за да се изгради покриен Градски пазар?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »