речник контакт

Историјата на подвижните слики во Велес

Првата кино проекција во градот била во 1909-тата година. НА КОЈНИК, во кафеаната на Трајко Иванов

Петар Печков

ога на повозрасните велешани ќе им спомнеш дека ќе одиш до театарот, ќе речат: „А! Во киното на Ѕиката“. А пак, кога ќе потпрашаш за киноприкажувачката дејност во Велес, сите едногласно те упатуваат: „Лазо Кртев знае сè! “ Беше тоа пролетта на 1978-та година. Прва средба со Лазар Кртев. Први записи од неговите сеќавања. Неколку месеци подоцна со Васил Тоциновски и со екипа од Втората програма на Македонската телевизија го реализираме документарецот за старите велешки кина „На калдрма кино има“.

Во меѓувреме - во велешкиот Народен театар се обидувам да откријам на што останало од првобитниот изглед на зграда на киното на Ѕиката. Од тогашната фасада е останат автентичниот покрив со карактеристични оџаци, а при влезот, може да се забележи остаток од горната орнаментика на влезот од старото кино.

Денес, салата на театарот е нешто проширена, но од извесни градежни интервенции може да се согледа како и каде биле распоредени потпорните греди на плафонот во салата. Значи нешто од ентериерот е останато по старо“, пред адаптацијата за потребите на театарот. Лазар Кртев, во своите пензионерски денови, нашироко расправа за својот вистински сон наречен - кино!

„Скоро разбрав, ми кажа Трајко Ицков од Музејот, дека го добил проекторот со којшто Арсо Картов ги одржал првите проекции во Велес. Пази, во 1909 година! Јас не сум бил ни роден, ја започнува својата приказна Кртев. Роден сум една година подоцна, во 1910-та. А што мислиш, можеби некакви невидливи бранови од тие проекции ми влијаеле, па уште како детиште почнав да се врткам околу кината. Којзнае!? Ајде, појдете горе, на Којник. Мене нозете не ме држат.“

И детално ни објаснува каде што ќе најдеме.
Мала плоштатка. Куќите - еднокатни и двокатни, убаво бојосани, чисти. Со убави портали.

Две пазаришни тезгиња. Некој нешто продаваше. Во длабочина - две прекрасно разгранети дрва, чиниш гранките ја прекриваат целата плоштатка. И повеќе дуќанчиња современо дизајнирани. Во убавото и сончево мартовско пладне повеќемина постари луѓе излегле пред своите домови. Љубопитно погледнуваат кон нас, непознатите дојденци. И приоѓаат со прашањето што и кого бараме. Атмосфера како во некое мало медитеранско место.

А ова е Којник - средиште на истоименото маало, висорамнинка над десниот брег на Вардар. Во Велес. Удолу или угоре, зависно од тоа дали заминувате или доаѓате на Којник, тесни, стрмни улички. На десната страна од плоштатката, поголема колонијална продавница. Кртев ни кажа: „Во сегашната колонијална продавница, на почетокот на 20-от век беше кафеаната на Трајко Иванов. Како што ми кажуваа, била изградена во 1908 година. Тука, на Којник имаше неколку фурни, бакалници, една млекарница во која до доцните вечерни саати можеше да се најде овчо кисело млеко, имаше и бербер, и кондурација, и кројач, и еден слаткар.

Единствена кафеана беше онаа на Трајо, така го викаме ние велешани Трајкота Иванов. Значи, тука, во оваа кафеана се одржала првата филмска проекција. Пази, во 1909 година! Ми кажа Ицков од Музејот дека Арсо Картов прожектирал со мал проектор ’Оригинал будерус‘. За ова, ти реков, не се сеќавам. Не сум бил, де, роден. Ама се сеќавам кога, во 1916 година, проекции организираше германската војска. Имаа подвижно кино.

Киното го сместија во училиштето ’Св. Кирил и Методиј‘.(Иако ова воено кино било првенствено наменето за разонода на војската, сепак се одржувале претстави и за населението.) Јас веќе имав 6 години. Ме ’заслепија‘ филмовите. Цело време минував во киното. Германецот што ракуваше со проекторот за шише ракија или вино нè пушташе нас, децата, бесплатно. Ме забележа дека сум постојано тука во салата и ме пушти да се врткам околу проекторот. Чудо невидено! Гледав и упивав. Како ја мести лентата, како ја врти рачката...

Ми беше сето тоа како една детска игра.“ Со доза на носталгија Кртев продолжува: „Кога заврши војната, војската се повлече, а со неа замина и киното. На луѓето им олесни оти заврши војната, ама јас... јас тагував. По киното, јасно. Детска работа. Мислев дека повеќе никогаш нема да видам такви чуда.“

Ама стравувањата на малиот Лазар се распрснале многу бргу. Веќе во 1919-тата. И оттогаш, па сè до крајот на животот, Лазар Кртев ќе се дружи со филмот и ќе стане вистинска велешка кино-легенда.

Нешто подоцна ми расправаше Стефан Гајдов (во 1987-та година, седнати на терасата од неговата охридска куќа со божествен поглед кон езерото): „Двата дела на градот ги дели Вардар, а во тоа време ги сврзуваа само два моста: малото дрвено мосте и големиот, наречен Стар мост... Кога се одеше ’спротива‘ (за преку Вардар, на левата страна) се одеше на малото мосте што иочнуваше под хотелот на Милан Ѓорев Војницалија. Требаше да се помине под железничкиот пропуст кој одеше према Вардар. Кога ќе се поминеше мостето, од левата страна беше ’Ада кафези‘.

Тоа беше мал остров (ада) обраснат со врби, тополи, со разни грмушки и трева. Тука имаше една долга зграда со многу прозорци и два влеза со по три-четири камени скалила. Паметам, надвор, под дебелите сенки, имаше многу маси и столови. И внатре и надвор свиреа чалгии. Тука се правеа највкусните ќебапи. ’Ада кафези‘ беше оградена со многу бојосани летвички.“

„Ада кафези“ била сопственост на општината велешка. По пат на лицитација ја издавале под наем. И тука, во 1919 година Ѓоко Михајловиќ и Јоца Димитриевиќ отвориле кино. Назив: „Биоскоп касина“. Од Белград набавиле кинопроектор „Пате“. Кртев расправа: „Тоа беше вистинска вест за мене. Бев веќе момчак. Наќе Тахов, со кого бевме соседи, ми рече дека во киното дошол некој апаратер од Белград со кој сопствениците на киното потпишале тримесечен договор.

Ми го кажа и тоа дека тој, Наќе, ќе му биде помошник. Еве шанса, си реков. Цело време се врткав таму. Наќе многу бргу се обучи да ракува со проекторот и дојденецот од Белград замина за Струмица пред да истече договорот. Така, Наќе стана киноапаратер, а мене ми предложи да му бидам помошник. Речено - сторено! Мојот сон почна да се остварува.“

Проекциите во „Биоскоп касина“ се одржувале по една во саботите и по две во неделните и празничните денови. Филмовите биле набавувани од Скопје, од застапниците на компанијата „Пате“, компањоните Салваторе Мусафија и Моис Асео.

Копиите биле доста изабени, често се кинеле, па така помошникот на киноапаратерот Лазар имал полни раце работа. И иако копиите биле такви какви што биле, гледачите не реагирале многу. Ним им било важно да гледаат филм! И патем да мезат, да пијат...

,,’Ада кафези‘ беше ресторант. И знаеш како е - маси, клупи, столчиња, луѓето си ручаат. Кога ќе дојдеше време за проекција, салата само ќе ја замрачевме и ќе го пуштевме проекторот. Добро, беше тоа импровизација, ама не беше лошо. Потоа нешто се споречкаа закупецот на ресторанот (ми се чини дека се викаше Бранко Вукомановиќ) и закупците на кинотермините Јоца и Ѓоко и работата се растури.

Потоа општината велешка во 1921 година го даде објектот на лицитација. Имаше многу перипетии околу тоа. Најнакрај, општината ѝ ја додели на користење на неопределено време на Соколската организација. И така старото турско ’Ада кафези‘, па потоа ’Биоскоп касина‘, полека се претвори во Офицерски дом. Наќе Тахов положи стручен испит за машинска струка и се вработи кај Трајкота Ѕиков, наш велешки индустријалец, во неговата фабрика за зејтин. Јас, пак, останав да чекам некое ново кино.“

 автор на текстот е Илинка Петрушевска

АНКЕТА »

Дали имате доволно време да му посветите на Вашето дете/деца?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »