речник контакт

И Велес има свое Кале

Повеќе од две илјади години имало живот на велешкото Кале, од рано христијанскиот период па се до средината на 19-тиот век, покажуваат археолошките истражувања на овој простор.

Петар Печков

Повеќе од две илјади години имало живот на велешкото Кале, од рано христијанскиот период па се до средината на 19-тиот век, покажуваат археолошките истражувања на овој простор. Тој не е така познат како другите слични простори во земјава, но наспроти нив тука имало богат живот кој е малку истражуван. Локалитетот се наоѓа над манастирот Св.Димитрија а под него се реките Вардар и Тополка и според археолозите, најстарите велешани потекнуваат од овде.



- Првата населба или стариот град Велес датира од раноримскиот период. Подоцнежните истражувања говорат дека на овој простор имало жители до 19-ти век, кога според нашите податоци се иселува последниот човек – вели Трајанка Јовчевска од археолошкото одделение на Народниот музеј од Велес. Таа додава дека името на градот било Волос, по словенскиот бог на шумите, кои ги имало во изобилие во неговата околина, така и спротивниот рид го добил името поврзано со дрвјата и огнот Св.Илија - громовник. Каде има и шума, има и стока, па како остаток на тоа време, половина град и денес го одбележува христијанскиот празник Св.Никола кој во словенската митологија бил заштитник на стоката. Ова се фактите кои упатуваат на далечното историско минато на денешниот град Велес.



Податоци според истражувачите одат во прилог на историјатoт на градот, кој живеел од шумата и стоката. Досега велешкото Кале за изминатите 20-тина години е истражувано во пет кампањи, првата е спроведена во 1989година додека последната во 2001 година. На локалитетот археолозите пронашле значајни откритија меѓу кои најважни се гробница со црква и аквадукт кој го користеле жителите, а денес водоводот го употребува манастирот Св.Димитрија.



- Во калето се одвивал богат живот, разбирливо бидејќи бил на крстосница и на важно стратешка локација. Тој може да биде многу посетено туристичко место. Направивме проект и елаборат, но досега не успеавме да обезбедиме средства за негова реализација - вели Јовчевска. Таа ги отстранува дилемите кај велешани дека ова бил градот Вила Зора како голем центар во минатото и тој не се наоѓал тука, туку во Овчеполието.



Единствената можност овој локалитет да се истражи и конзервира е да биде прогласен како пронаоѓалиште од прв степен со што ќе се обезбедат финансии од државата за работа на терен и може да стане атрактивен за посетителите.



АНКЕТА »

Каде одмарате летово?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »