речник контакт

И во 19-тиот век Велес имал силен трговски живот

Велешките трговци и газди и пред век и повеќе користеле меморандуми на кои можат да им завидат и денешните сопственици на фабрики и маркети. Тргувале со Будим, Пешта, Виена, Дрезден, Палестина..

Петар Печков

Велешките трговци и газди и пред век и повеќе користеле меморандуми на кои можат да им завидат и денешните  сопственици на фабрики и маркети. Ова може да се види од бројната оставина која се наоѓа во велешкиот Историски архив. Богатата преписка на велешани со Запад и пред 150 години  е спакувана во фонд на историски важни документи, кои откриваат дека во градот се водел богат и значаен еснафски живот.

Веднаш и на прв поглед, на секој истражувач што дошол кај нас,  силен впечаток оставаат меморандумите на писмата што велешките газди ги воделе при крајот на 19-тиот и почетокот на 20-тиот век. И сите го имаа истиот коментар, зар е можно во тоа време пред толку време и години да имало ваква коресподенција. И покрај толку минати  години, тие се читки, чисти, пишувано со мастило, прегледни. Преписката е оставина од лични и семејни фондови на познати велешки фамилии, трговци но и сопственици на фабрики – вели Слободан Ников раководител на ПЕ на Историскиот Архив за Повардарието.

Тука на едно место е собрана документацијата со која Левкови газдите на фабриката за ќумци, Органџиеви газдите на фабриката за масло, пишуваат од каде се снабдувале со машини но и каде ја испорачувале стоката. Фамилијата Коробарови која одгледувала и  извезувала свилена буба а имала свое претставништво во Италија. Ги има дури и имињата на вработените, кој колку плата земал, кога доаѓал и отсуствувал од работа, кој на кого колку ми должи.

Ја има и документацијата на трговците браќата  Галистојанови од периодот 1868- 1922,  Хаџи Мишеви ( 1883-1937) Јован Хаџи Панзов (1881-1923), браќата Весови ( 1871-1908)  Илија Црвенов ( 1877-1899) со кои тие продаваат вино, ракија, кожа, жито, афион, стока  која  завршува во Виена, Германија, Трст, Дубровник а во некои случаи и во Палестина, според пишан документ од 1930-тата година.

Оваа документација е огромно богатство.  Освен што може да се види што се продавало на Запад, се гледа и кои производи биле најбарани, за што имало најголем интерес. Тоа значи дека пред век и половина овде имал силен еснаф. До изградбата на пругата Солун – Велес во 1872-та, робата се носеле со кираџии,  тоа е конвој од жива стока на која се превезувала.  Или  пловела со сплавови по Вардар, тоа се гемии, по кој подоцна се наречени гемиџии. Тие во Солун се растурале а дрвото се продавало за огрев. Со доаѓањето на железницата, возот го презема приматот. Но документите останале  а со тоа и важен траг во историјата. И покрај тоа што коњи или сплавови биле превозното средство, меморандумите се европски – објаснува Ников.

Богатата документација од богатите велешки семејства,  со меморандуми од пред век и повеќе и денес изгледаат модерно,  историски се вредни  иако некои се  стари и пожолтени. Меморандумот доаѓа од латински збор, кој во превод е ,, да се има на ум, да се знае,,. За значењето на овој дел од официјалната преписка зборуваат и економистите .

Фасцинира колку за тоа време сме имале напреден еснаф. Ако се погледне меморандумот ќе се забележи дека се со јасни препознатливи имиња а некаде и знаци, лого на фирмата, што таа работи, адресата, градот.  Подоцна кога се јавил и телефонот внесен е и тој. Буквите се убаво напишани, рачно или печатени. Би било убаво кога преку некоја изложба, би се понудиле на јавноста да ги види, бидејќи со нив може само да се гордееме – вели Никоја Стојанов дипломиран  маркетинг економист.

АНКЕТА »

Дали 8-то место на ФК Борец во Првата лига ги задоволи вашите очекувања?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »