речник контакт

И зеленчукот и медот од велешко се загадени со тешки метали

Објавени резултатите од ланското испитување на проф. Стафилов кои и натаму покажуваат алармантни вредности

Петар Печков

Резултатите на испитувањето на зеленчукот, почвата во Велес и неговата поблиска околина,  покажуваат високи концентрации на присуство на тешки метали.   Истите се спроведени минатата година од страна на професор Трајче Стафилов од Институтот за Хемија при ПМФ од Скопје на УКИМ.

Тие и натаму ја потврдуваат поразителната вистина. Овие ново стари податоци беа објавени на научна трибина на МАНУ во Скопје. Сите зеленчуци кои се одгледуваат во велешко се полни со олово и кадмиум, кои се штетни и опасни  по здравјето. 

 „Практично, немаше зеленчуци без високи концетрации на метали. Да се разбереме, станува збор за миени зеленчуци без остатоци од земјена прашина., Според нашиот закон, зеленчуците од овој регион веднаш треба да се забранат за продажба и консумација! Тоа не се случува“, вели проф. д-р Трајче Стафилов, дел од тимот што ги вршеше истражувањата.

Во непосредна близина на градот,  лани од различни локации истражувачкиот тим собрал и 40-ина примероци од зеленчуци. Максимално дозволената содржина на кадмиум во зеленчуци е 0,3 милиграми на килограм, а средната вредност во Велес  е над пет пати поголема! Дел од примероците акумулирале 15-20 пати повеќе метали од дозволените граници.

Причини за загадувањето се затворената Топилница, конфигурацијата и геологијата на теренот, регионалните почви кои емитираат наталожени метали, како и од депонијата за троска со количество од 1,5 милиони тони отпад. И денес таа претставува сериозен непријател за животната средина.  

За жал, Македонија нема стандард за максимално дозволени содржини на тешки метали во почвите. Во истражувањето користени се  холандските стандарди, бидејќи имаат две граници што лимитираат метал во почва - референтна и интервентна граница. Над втората почвите се енормно загадени, мора да се интервенира и на таа почва не се дозволени никакви активности, сигурно не земјоделство. 

Во примероците околу топилницата во Велес токсичните метали продираат и до 80 сантиметри. Референтна граница е 0,8, а ние имаме 1,6. Во површинските слоеви металите се застапени и над интервентните вредности. Кадмиумот е 67, а интервентната граница е 12! Дури и во почвите од Градскиот парк во Велес наидовме на високо загадување!“, вели Стафилов, чии испитувања се базирани на спектрометриски и радиоаналитички техники, но и преку соработката со Истражувачкиот инстиут од Романија и можноста да користат нуклеарен реактор од Институтот во Дубна, Русија.

Историското загадување со тешки метали преку воздушната прашина,  електростатски се инкорпорира во дрвото. Резултатите покажале дека и во примероците од 2005 и 2010 година, асоцијациите на елементи со олово, цинк, кадмиум, антимон и понатаму доминираат во Велес,

„Средната вредност од содржината на кадмиум од гредите е незабележана во литературата! Дури 240 милиграми на килограм, а интервентната вредност е 20! Таква прашина во просек постоела за овие четириесет години, од почетокот на функционирањето на Топилницата, па до сега. Ова беа ланските примероци.“, вели професорот Стафилов, кој на презентацијата спомена и распределба на метали во медот.

Од цела Македонија собрале 130 примероци, а 10 од Велешко. Во шест од велешките концетрацијата на кадмиум се вивнала над границите. Толку била прашината „богата“ со тешки метали во периодот на цветање, па се одразува и на медот.

АНКЕТА »

Каде одмарате летово?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »